Војската на Израел објави дека два брана проектили биле истрелани кон Израел од Иран по американскиот напад во текот на ноќта врз клучните центри на иранската нуклеарна програма.
Сирените за воздушен напад се вклучија во Ерусалим и Тел Авив, а новинарите на „АФП“ објавија дека слушнале силни експлозии. Дописникот на „Би-Би-Си“ од Ерусалим, Хуго Бачега, јави дека над градот се слушнале повеќекратни детонации како резултат на активирањето на израелската противвоздушна одбрана.
„Армијата неодамна идентификуваше проектили лансирани од Иран кон територијата на Израел. Одбранбените системи се активираат за да се пресретне заканата“, објави ИДФ околу 6:30 часот по средноевропско време.
Околу половина час подоцна, армијата објави втор бран проектили, пред да биде укината тревогата. ИДФ ги повика граѓаните веднаш да се засолнат во заштитените подрачја и да останат таму до понатамошно известување.
Според израелските служби за итни случаи, најмалку 11 лица се повредени во нападите.
Нападите се случија неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека американските сили извршиле напади врз три ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанц и Исфахан – и ги нарече „исклучително успешни“.
Како одговор, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека Иран го задржува правото на сите форми на самоодбрана и предупреди дека невидените американски напади ќе имаат трајни последици.