Лос Анџелес Лејкерс наскоро ќе има нов мнозински сопственик, а фамилијата Бас ќе заработи историски висока сума од продажбата на уделот во НБА франшизата.
Клубот лоциран во Калифорнија го привлекол вниманието на Марк Волтер, извршен директор на групацијата „Глобал“, кој е подготвен да плати околу 10 милијарди долари за да го преземе менаџирањето на атрактивната франшиза.
Ова ќе биде најголема сума за продажба во историјата на американскиот спорт и спортот воопшто, а фамилијата Бас ќе се откаже од клубот со кој раководеше уште од 1979 година.
Волтер од 2021 година има 20 проценти од акциите на Лејкерс, но сега решил да го зголеми својот удел и да стане мнозински сопственик, со што само ќе го збогати своето спортско портфолио.
Милијардерот е мнозински сопственик и во бејзбол тимот Л.А. Доџерс, а има акции и во Челси, односно Формула 1 тимот Кадилак кој ќе почне да се натпреварува од следната сезона.
Џери Бас ја купи франшизата на Лејкерс за само 67 милиони долари, а по неговата смрт во 2013 година, сопственоста од 66 проценти е доделена на фонд управуван од неговите шест деца.