Молк од државата за барањата за отстранување на новиот хотел на Горица, реагира „Фронт 21/42“

Макфакс

18/06/2025

13:39

156

Големина на фонт

а а а

Законите не важат во Охридскиот Регион. Прекршувајќи го и Законот за постапување по претставките и предлозите, по претставката со која 25 граѓански организации побараа од премиерот, Владата и од градоначалникот на Охрид итно спроведување на законите и отстранување на хотелот во Горица – не постапи ниеден од одговорните, реагираат од Еколошкото здружение на граѓаните „Фронт 21/42“.

„На ридот во Горица, на местото на некогашната борова шума, макотрпно посадена од локалното население во шеесеттите години на минатиот век, забрзано се гради хотелскиот комплекс на ‘Дивелоп груп’ – со незаконско одобрение за градба, издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без одобрен елаборат; и покрај фактот дека во планот за управување со светското наследство е посочен како закана; со целосно игнорирање на одлуката на Комитетот за светско наследство, со која уште пред да почне градбата УНЕСКО побара стопирање на активностите и одлуката на Бернската конвенција, со особена загриженост за овој проект; врз основа на урбанистички план што Општината беше должна да го измени“, велат од Здружението.

Од таму велат дека се прекршени Законот за градењето, Законот за општата управна постапка, Законот за животната средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекцискиот надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот.

„Долгата листа деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставките и предлозите од страна на Кабинетот на премиерот, Владата и градоначалникот на општина Охрид. Имено, ниедна од овие институции не постапи во законскиот рок по претставката со која 25 организации алармираа за беззаконието поврзано со овој хотел и побараа негово отстранување. Од Кабинетот на премиерот информираа дека претставката е проследена до Општина Охрид и МЖСПП, а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) ја проследија до Општина Охрид. И премиерот и Владата целосно ги игнорираа сопствените законски обврски наведени во претставката. Од Општина Охрид, како и многупати досега – организациите добија молк“, велат од „Фронт 21/42“.

Од таму наведуваат дека не реагирале ниту пратениците ниту вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, кои добиле копија од претставката.

Од Здружението велат дека случајот уште во март бил поднесен и до Државната комисија за спречување на корупцијата и дека и од таму нема никаква одлука.