Иран: „Воцап“ ја испраќа вашата локација до ционистите; „Воцап“: Не споделуваме информации со никого

Макфакс

18/06/2025

12:10

437

Големина на фонт

а а а

„Воцап“ денес ги негира обвинувањата дека ги споделува личните податоци на своите ирански корисници со Израел.

Иранската државна телевизија вчера ги повика луѓето да ја избришат апликацијата „Воцап“ од своите телефони тврдејќи дека собира лични податоци, вклучувајќи ги и локациите на корисниците, и ги споделува со, како што велат, ционистичкиот непријател.

„Загрижени сме дека овие лажни извештаи би можеле да се искористат како изговор за блокирање на нашите услуги во време кога луѓето имаат најголема потреба од нив“, изјави портпаролот на „Воцап“, во сопственост на „Мета груп“.

„Сите пораки што ги испраќате до вашето семејство и до пријателите на ‘Воцап’ се енкриптирани од крај до крај, што значи дека никој, освен испраќачот и примачот, нема пристап до тие пораки, дури ни ‘Воцап’“, увери тој.

„Ние не даваме информации на ниедна влада“, инсистира портпаролот на „Воцап“ додавајќи дека „повеќе од десет години ‘Мета’ обезбедува извештаи за транспарентност, што ги вклучуваат ретките околности во кои се барани информации од ‘Воцап’“.

Во петокот, по избувнувањето на непријателствата во Израел, иранското Министерство за комуникации објави привремени ограничувања на интернет во земјата. Многу веб-страници и апликации оттогаш се делумно или целосно недостапни.

Иранските власти го повикаа населението да ја минимизира употребата на уреди поврзани со интернет и да биде претпазливо онлајн, според новинската агенција ИНСА.

На државните службеници и на нивните безбедносни тимови им е забрането да користат какви било поврзани уреди, вклучувајќи мобилни телефони, паметни часовници и лаптопи, според упатството од властите.

Иран, денес, исто така објави апсење на пет лица, идентификувани како агенти на Мосад, израелската разузнавачка служба, обвинети за оцрнување на имиџот на Исламската Република на интернет, објавија неколку локални медиуми.