Панел дискусија на Лекарската комора: Системот за специјализации треба да се реформира

Макфакс

16/06/2025

18:51

124

Големина на фонт

а а а

Лекарската комора, денес, организираше панел-дискусија на тема „Меѓународни искуства во постдипломската едукација на доктори“, на која се дискутираше за програмите и начинот на организација за специјализациите во нашата земја правејќи и споредба со начинот на кој овие процеси се организираат во Германија, Хрватска и Србија.

Од презентираните информации и дискусијата се идентификуваше потреба системот за специјализации во нашата земја да биде реформиран за да продуцираат здравствен кадар кој ќе овозможи оптимално функционирање на здравствените установи и ќе обезбеди квалитетна здравствена заштита на населението.

„Поминаа 15 години откако високообразовниот систем се усогласи со Болоњскиот процес, значителен период кој нѝ овозможи доволно време да ја процениме неговата имплементација и постигнатите резултати. За сеопфатно да ги оцениме нашите искуства во споредба со сегашните потреби и на колегите и на пациентите, тесно соработувавме со лекарските комори од другите држави. Овој заеднички напор ќе овозможи детална анализа и споредба на нашите тековни програми за специјализација“, истакна претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.


Таа појасни дека системот на специјализации што сега постои во нашата земја одговара повеќе за терцијарните здравствени установи, бидејќи создава тесно специјализиран медицински кадар кој може да обезбеди консултација со друга специјалност доколку се појави потреба. Но кога се во прашање болниците од секундарно ниво, тогаш е потребно специјалистите да не се премногу тесно специјализирани за да можат да одговорат на поголем број здравствени услуги што се потребни за пациентите.

„Начинот на кој сега се организирани специјализациите, ги попречува докторите во секојдневната работа. Имавме реакции од колегите педијатри, дека ако докторот е супспецијалист по детска пулмологија, тогаш може да работи само во оваа тесна специјалност и да препишува лекови само за таа специјалност, а не и за пошироката специјалист – педијатрија“, вели проф. д-р Гривчева Старделова.

Во однос на задржување на младиот кадар, претседателката на Комората посочи дека овие доктори треба да бидат вработени веднаш по завршување на медицинскиот факултет, да им се даде можност да се едуцираат и да бидат достојно платени.

Проф. д-р Марија Вавлукис, продекан за настава на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го презентираше актуелниот систем на организација на специјализациите во нашата земја.

Во дискусијата што се отвори се посочи дека во рамките на реформата на специјализациите, треба да се донесе и 10-годишен план за потребите од здравствен кадар и новите специјализации да бидат распишувани според потребите идентификувани во овој документ. Политизацијата на здравство, исто така беше апострофирана како сериозен проблем.

Д-р Иван Рагуж од Хрватската лекарска комора посочи дека тие веќе неколку години водат кампања за да се реформираат специјализациите.

„Се залагаме за промени бидејќи младите доктори не се задоволни од начинот на кој се сега организирани. Бараме да постои национална програма за планирање на специјализации, тие централно да се финансираат, а не преку болниците, да има регистар на институции каде се обучуваат специјализантите, да се контролира квалитетот и да се врши евалуација на прогресот. Формирана е работна група во Министерството за здравство во која имаме и членови на Комората“, истакна д-р Рагуж.

Претставникот на Лекарската комора на Србија, д-р Милан Диниќ, појасни дека иако во неговата земја започнала имплементација на Болоњскиот систем во организација на специјализациите, поради несоодветните резултатите од примената, во 2021 година се вратил стариот систем што се применувал до 2010 година.

За разлика од кај нас, каде за специјализациите надлежно е Министерството за здравство и медицинските факултети, во Германија, како што појаснија претставниците на Германската лекарска комора проф. д-р Хенрик Херман и д-р Јоханес Гехле, оваа улога ја имаат регионалните лекарски комори, кои развиваат наставни програми и прописи за обука на специјалисти. Прописите за специјалистичка обука се усвојуваат од страна на Собранието на Германската лекарска комора, претставничкото тело на сите лекари во Германија.

Од целосната дебата ќе бидат утврдени заклучоци што ќе бидат испратени до Министерството за здравство, медицинските факултети и другите засегнати страни.