Македонија Меџити: Енергетската транзиција мора да оди рака под рака со еколошката правда и јавниот интерес Објавено пред 6 минути - 16 јуни, 2025 Од Е. Т. / Макфакс Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска се обрати на свеченото отворање на MEF Energy Forum 2025 –регионален форум посветен на енергетската транзиција и климатските предизвици во Западен Балкан.
Во својот воведен говор, министерот Меџити порача дека „енергетската иднина на регионот не смее да се гради на штета на животната средина, здравјето на граѓаните и социјалната правда.“
„Западен Балкан нема луксуз да избира меѓу економски развој и еколошка одржливост. Двете мора да одат заедно – или нема да одиме никаде,“ рече Меџити пред учесниците на форумот.
Тој исто така посочи дека Министерството за животна средина и просторно планирање, веќе работи на усогласување на националната еколошка и енергетска рамка со Европскиот зелен договор и глобалните цели од Парискиот договор. Но, истовремено и предупреди дека имплементацијата мора да биде: брза, фер и транспарентна бидејќи како што кажа тој последиците од климатските промени веќе ги чувствуваме, а транзицијата не смее да ги остави најранливите заедници зад себе.
На крајот од своето обраќање, министерот упати повик за регионално здружување, инвестирање во чисти технологии и конкретни резултати наместо декларативни заложби:
„Не можеме да зборуваме за енергетска сигурност ако истовремено ги труеме реките, воздухот и земјата. Не ни требаат само добри намери, туку и храбри политики. Граѓаните очекуваат резултати, а оваа тема бара акција час поскоро“
MEF Energy Forum 2025 се одржува во Скопје под организација на ZIP Institute, со поддршка од Владата на Република Северна Македонија и повеќе меѓународни партнери.