„Димната завеса“ на Биби: Израел тврди дека го нападнал Иран поради нуклеарните постројки, но вистинската цел е сосема поинаква

Точка

16/06/2025

16:46

5.161

Големина на фонт

а а а

Вистинската дебата никогаш не била околу тоа што да се прави со иранската нуклеарна програма. Таа отсекогаш се водела околу тоа што да се прави со режимот, пишува Џефри Луис, американски експерт за неширење на нуклеарно оружје и директор на Програмата за неширење во Источна Азија, во својот текст за "Foreign Policy".

Нуклеарните тврдења се димна завеса за вистинските намери: Уривање на режимот во Иран

Израелските напади врз Иран не се насочени првенствено кон нуклеарните објекти, туку кон политичкото и военото раководство на Исламската Република. Она што во јавноста се претставува како настојување за спречување на иранската нуклеарна програма, е само реторичка маска. Вистинската цел е – промена на режимот.

Режимот, а не центрифугите

За многумина во Израел и САД, иранската нуклеарна програма е реална безбедносна закана. Тие веруваат дека Исламската Република може да се натера да го промени однесувањето преку олеснувања – укинување на санкциите и нејзино враќање во меѓународната заедница, во замена за прекин на нуклеарните амбиции и поддршката на тероризмот.

Но за други – меѓу кои е и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху – проблемот е самиот режим, за кој веруваат дека суштински не може да се реформира. Според оваа логика, секој дипломатски напор само му овозможува време и простор да се зацврсти. За нив, нуклеарната програма служи како изговор за продолжување на санкциите, со надеж дека ќе го исцрпат и ќе го урнат режимот.

Затоа последните израелски напади не беа насочени кон клучните нуклеарни објекти, како подземниот центар во Фордо. Наместо тоа, цел беа резиденции и позиции на високи воени лидери – вклучително и личности директно инволвирани во нуклеарните преговори со САД.


Кој беше убиен?

Според достапните информации, во нападите наводно се убиени:

• Мохамад Багери, началник на Генералштабот

• Хосеин Салами, командант на Револуционерната гарда (IRGC)

• Голамали Рашид, заменик началник на Генералштабот

• Амир Али Хаџизаде, шеф на ракетната единица

• Али Шамхани, поранешен секретар на Врховниот совет за национална безбедност и преговарач со САД

Иако биле убиени и неколку нуклеарни научници, целта била многу поширока – врвот на воено-политичката структура на режимот.


Нуклеарната програма – суспендирана, но под притисок

Иран имал активна нуклеарна програма до 2003 година, кога, според проценките на американските разузнавачки служби, врховниот лидер ајатолах Хамнеи наредил нејзино запирање. Иако договорот од 2015 година се покажа како ефикасен – потврдено од МААЕ и САД – повлекувањето на Доналд Трамп во 2018 година ги врати преговорите назад.

Администрацијата на Бајден не го обнови договорот, а Иран од 2019 постепено ја намалува соработката со МААЕ. Во последно време, таа соработка уште повеќе се влоши, па МААЕ соопшти дека „не може да потврди дека иранската нуклеарна програма е исклучиво мирољубива“.

Нападот врз Натанз – симболичен, не пресуден

Иако нападите беа претставени како реакција на иранската нуклеарна закана, единствениот нуклеарен објект што беше споменат е постројката во Натанз. Но, тој центар има подземни инсталации кои речиси не можат да се уништат без специјализирано американско оружје.

Сателитските снимки покажуваат дека беа погодени само неколку површински објекти – вклучувајќи зграда за снабдување со електрична енергија. МААЕ потврди дека другите локации продолжиле со работа.


Нетанјаху ја користи кризата за политички опстанок

Нетанјаху со децении ја користи иранската закана како средство за зацврстување на својата власт. И во минатото тврдел дека Иран е „на неколку месеци од бомбата“, вклучително и познатиот говор со цртежот на бомба во ОН во 2012 година.

Денес, соочен со обвиненија за корупција и длабока политичка криза, новата ескалација со Иран му овозможува да се прикаже како лидер во „егзистенцијална борба“. Поддршка има од администрацијата на Трамп, која не го сопира – но ниту активно учествува.

Што ако режимот преживее?

Ако режимот опстане, Иран речиси сигурно ќе го забрза својот нуклеарен развој и можно е дури и целосно да се повлече од Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Русија и Кина веројатно нема да поддржат нови санкции, а Иран ќе продолжи со воена и енергетска соработка со нив.

Луис заклучува дека досегашниот „умерен“ пристап внатре во Иран сега е сериозно доведен во прашање. Нови луѓе ќе ги преземат клучните функции, а сите ќе се запрашаат: дали Израел би бил толку дрзок доколку Иран веќе имаше нуклеарно оружје?

Во такво сценарио, Нетанјаху и неговите сојузници нема да имаат друг избор освен да продолжат со нападите – бескраен циклус на „косење на тревата“, како што цинично го нарекуваат сами. А во таа бескрајна ескалација, мирот и дипломатијата остануваат само пуста илузија.