Иран, преку арапски посредници, испраќа пораки до САД и Израел со желба за итен прекин на непријателствата и враќање на преговарачката маса за нуклеарната програма, пренесува „Волстрит журнал“, повикувајќи се на блискоисточни и европски функционери.
Израелските напади засега поефикасни
Во екот на интензивната израелска воздушна офанзива, ирански функционери информирале арапски колеги дека се подготвени да продолжат со преговорите — доколку САД не се вклучи во воените акции. Исто така, испратиле пораки и до Израел дека е во интерес на двете страни конфликтот да не се прошири.
Израелски авиони слободно летаат над Техеран, додека иранските противнапади прават штета, но значително помала, врз израелските градови. Тоа ѝ дава мала причина на израелската влада да ги прекине ударите, додека не смета дека ги уништиле иранските нуклеарни објекти и ја ослабнале власта на ајатолахот.
Израелските напади досега убија клучни воени команданти, вклучувајќи и голем дел од врвот на иранското воено воздухопловство. Но, нуклеарната инфраструктура е само делумно оштетена, а аналитичарите проценуваат дека за сериозни резултати ќе биде потребна долготрајна кампања.
Крајна цел
Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападите ќе продолжат сè додека не бидат уништени иранските нуклеарни и ракетни капацитети. Додаде дека промената на режимот не му е цел — но и не ја исклучи.
Израелската војска, според официјални извори, подготвила барем две недели интензивни напади. Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон повика на итно продолжување на преговорите, а бројни арапски лидери бараат прекин на огнот. Американскиот претседател Доналд Трамп до неодамна се противеше на воена интервенција, но сега отворено ја поддржува израелската кампања.
„Мислам дека е време за договор, но понекогаш едноставно мора да се бориш“, изјави Трамп вчера.
Иран не сака директна вмешаност на САД
За Иран, привремено примирје би значело време за консолидација и користење на меѓународниот притисок против Израел. Истовремено, Техеран сака да ја задржи Америка надвор од конфликтот.
Арапски дипломати тврдат дека Иран смета оти Израел нема капацитет за долготраен воен ангажман и дека на крајот ќе мора да прифати дипломатско решение. Иранските проценки се дека Израел без американска помош не може сериозно да ги оштети објекти како што е подземниот комплекс Фордо.
„Иранците знаат дека САД го поддржува Израел логистички и одбранбено“, изјавил еден арапски официјален претставник. „Но, бараат гаранции дека САД нема директно да се вклучи.“
Во спротивно, Иран најавува можност за забрзување на нуклеарната програма и проширување на војната.
Опасност од понатамошна ескалација
Засега, нема сигнали дека Иран е подготвен на нови отстапки во врска со нуклеарната програма. Преговорите пред нападите биле во застој поради иранското одбивање да престане со збогатување на ураниум. Израел инсистира дека прекинот на збогатувањето е минимум за кој може да се разговара.
Покрај нуклеарното прашање, Израел и заливските држави се загрижени и за иранската поддршка на регионални милиции и ракетниот програм.
Во текот на викендот конфликтот доби и енергетска димензија — двете страни почнаа да ги напаѓаат енергетските објекти. Жртвите меѓу цивилите се сè побројни.
Земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Катар и Оман, го повикуваат Вашингтон да изврши притисок врз Израел да ја прекине воената акција. Тие предупредуваат дека конфликтот може да ескалира и да ја загрози енергетската инфраструктура, што би имало сериозни последици врз пазарот на нафта и светската економија.