На почетокот на февруари, истражувачите од организацијата "OCEARCH" ја фатија и обележаа огромната бела ајкула, долга 4,2 метри и тешка 749 килограми, која ја опишаа како „вистински морски џин“.
Овој огромен мажјак, наречен „Предизвикувач“ (Contender), првпат беше забележан во Атлантскиот океан на 17 јануари, по што научниците внимателно го следат неговото движење.
Локаторот е поставен близу перката
По неговото фаќање во Атлантикот, „Предизвикувач“ исчезна за некое време, а подоцна беше локализиран во водите крај Флорида.
Потоа, повторно зарони длабоко, поради што сигналот од уредот што е поставен блиску до неговата перка престана да емитува сигнали. Сепак, почетокот на мај донесе нов сигнал – ајкулата е повторно регистрирана крај брегот на Северна Каролина.
По ова, повторно исчезна, за да се појави неодамна на површината во заливот Памлико, во близина на познато летувалиште кое секоја година привлекува илјадници туристи кои уживаат во водени спортови и мирни песочни плажи, пренесува "Daily Mail".
Ајкулата собира енергија
Штом испливала, сателитскиот систем веднаш го фатил сигналот, а истражувачите веруваат дека „исчезнувањето“ е поврзано со периодот во кој ајкулата собира енергетски резерви пред новите подводни патувања.
„Во овој период од годината, големите бели ајкули започнуваат миграција од 16 мај до 30 јуни, движејќи се од своите јужни зимски региони кон летните и есенските подрачја за хранење во североисточниот дел на САД и Атлантска Канада“, објасни Харли Њутон од "OCEARCH".
„Често гледаме дека ајкулите поминуваат извесно време крај брегот на Северна Каролина пред да продолжат понатаму – што изгледа го прави и ’Предизвикувач‘. Веројатно станува збор за интензивна потрага по храна во овој регион“, заклучува Њутон.