На манифестацијата „Од нива до трпеза“, која денеска се одржува во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски упати јасна порака за поддршка на македонските земјоделци, нагласувајќи дека Владата силно се залага за развојот на земјоделскиот сектор и поддршка на оние кои го одржуваат аграрот жив.
„Македонија има потенцијал – и тоа не е празна фраза, туку фактичка состојба. Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва, но најважно од сè – имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат да станат рано наутро, да ги извалкаат рацете во кал, да работат до доцна навечер. Тие се тивките херои на нашето време. Тие се темелот на нашата економија, чуварите на традицијата и креаторите на иднината“, изјави премиерот.
Мицкоски подвлече дека земјоделството е еден од стратешките приоритети на Владата, наведувајќи дека во последните 11 месеци биле исплатени повеќе од 8 милијарди денари за субвенции и други форми на финансиска помош за земјоделците.
„Ова не се празни ветувања – ова се мерливи резултати. Тие говорат за нов пристап, нова енергија и визија со која сакаме да го издигнеме земјоделството, да ги поттикнеме младите генерации да се вклучат во овој сектор, и пред сè – да ја зајакнеме довербата кај секој земјоделец“, рече премиерот, апелирајќи до граѓаните да избираат македонски производи и со тоа директно да го поддржат домашното производство.
На манифестацијата учествуваат 25 општини од целата земја, претставувајќи уникатни традиционални производи како што се домашни вина, печива, мед и рачни изработки.
Настанот е во организација на здружението „Наша традиција, наша иднина“, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Главната цел е да се истакне богатството на македонската традиционална храна и да се промовира руралниот туризам како ресурс со сериозен економски и културен потенцијал.