Интер изминативе сезони ја градеше играта околу Хакан Чалханоглу, но турскиот плејмејкер веќе не е „недопирлив“ за заинтересираните клубови.
Ова го тврдат италијанските медиуми кои пренесуваат дека турскиот репрезентативец бил еден од најважните играчи на Симоне Инѕаги, но заминувањето на тренерот и почестите повреди, го носат Чалханоглу во ситуација во која Интер би прифатил трансфер доколку добие соодветна понуда.
Новиот тренер Кристијан Киву има своја визија и веројатно размислува за потенцијална замена за искусниот фудбалер, посебно ако европскиот вицешампион добие понуда вредна околу 30 милиони евра.
Романскиот стручњак очекувано ќе ја наметне својата фудбалска филозофија и изборот кој ќе го прави во однос на формацијата и фудбалерите, а вистински показател за тоа ќе биде претстојното Светско клупско првенство.
Чалханоглу заработи повреда и на дуелот со ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите, па ги пропушти последните настапи на својата репрезентација, а Интер очекува да се рехабилитира навреме за дел од натпреварите на клупскиот мундијал.
„Тутоспорт“ потенцира дека никој нема да го присилува Турчинот на трансфер, но истовремено клубот ќе биде отворен за таква опција ако се склопат коцките од сите инволвирани страни.
Галатасарај често е споменуван како најзаинтересиран за Чалханоглу, но во игра се и клубовите од Саудиска Арабија, кои веројатно ќе му понудат и посакувани финансиски услови, што значи дека овој преоден рок може да донесе промени во кариерата на турскиот репрезентативец.