Начинот со којшто го започнуваме денот има поголемо влијание на здравјето отколку што можеби изгледа на прв поглед, особено кога станува збор за здравјето на срцето.
И, додека на поголем дел од луѓето им е јасно дека утрото не треба да го започнат со цигара, алкохол или енергетски пијалак, експертите сега предупредуваат на една наизглед безопасна навика која многу од нас секојдневно ја практикуваат.
Станува збор за проверување на телефонот веднаш после будењето.
Кардиолозите истакнуваат дека оваа рутина може да има сериозни последици по кардиоваскуларното здравје затоа што нѐ воведува во ден исполнет со стрес, негативна енергија и пропуштени здрави навики.
„Не станува збор само за хормонален стрес. Станува збор за тоа како го започнувате денот со таа навика“, вели д-р Александра Кхарази, кардиохирург од Калифорнија.
Наместо здрав појадок, прошетка, истегнување или кратка медитација, многумина денот го започнуваат со пораки и известувања кои често предизвикуваат анксиозност, чувство на заостанување или непотребен натпревар со другите.
Според зборовите на д-р Паул Беле, професор по медицина и кардиолог од Тексас, таквиот почеток на денот може да го зголеми ризикот од зголемен притисок и срцеви болести.
„Психолошкиот стрес, без оглед на тоа дали е акутен или хроничен, добро е поврзан со зголемениот ризик од срцеви удари и застарување на срцето“, објаснува тој.
Освен тоа, утринското проверување на телефонот често води кон подолго седење и намалување на физичката активност што може дополнително да го зголеми ризикот од гојазност, дијабетес и зголемен холестерол, предупредуваат докторите.
„Социјалните мрежи можат да бидат корисни доколку ги користиме внимателно“, порачува д-р Чен, па додава: „Тие можат да ја зголемат здравствената писменост и да дадат поддршка, но само доколку не ја нарушуваат нашата секојдневна рутина и ментално здравје“.