Бројот на гости и ноќевања расте со историски 20% во однос на лани, целта ни е да стигнеме до четири милиони ноќевања, вели Мицкоски

Макфакс

12/06/2025

12:12

140

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски утрово при посетата на Машинскиот факултет историски успех го нарече зголемениот број регистрирани ноќевања и туристи во земјава по објавата на Државниот завод за статистика дека во споредба со лани, годинава, во период од јануари до април, бројот на странски туристи се зголемил за 21,6 отсто. Освен зголемувањето на бројот на туристи и ноќевања, премиерот Мицкоски вели дека се менува и структурата на туристите.

„Тоа е исклучително голем и квалитетен податок, посебно значаен за услужната и угостителската дејност. Можам да кажам дека во првите четири месеци бројот на гости и ноќевања расте со историски 20 % споредено со истиот период од лани, и во април но и во првите четири месеци. Се менува и структурата на туристите. Сега веќе гледаме туристи кои се од Германија, Франција и така натаму. Од она што го знам од туроператорите за следната година се планира најмалку половина милион ноќевања надвор од сезоната во Охрид што навистина ќе значи многу за нас како земја“, рече премиерот Мицкоски.

Владата веќе има поставено нова цел, кога се работи за бројот на туристи и ноќевања во земјава од кои очекува зголемен бруто домашен производ во вториот квартал.

„Минатата година имавме рекордни милион и двесте илјади регистрирани туристи со 3,5 милиони ноќевања. Оваа година целта ни е да стигнеме до четири милиони ноќевања, и до милион и пол туристи. Дали ќе успееме? Се надевам-да. Првите параметри се добри. Ме радува што зголемувањето продолжува во првиот месец од вториот квартал, во април скоро 21 % е зголемен процентот на странски гости, а скоро 20 % ноќевањето од странските гости. Тоа ќе биде добар инпут за бруто домашниот производ во вториот квартал“, рече премиерот Мицкоски.

Државниот завод за статистика објави дека во април 2025 година во Македонија престојувале 96.943 туристи. Од нив 78,6 отсто биле странци, а 21,4 отсто домашни гости. Регистрирани се 171.886 ноќевања, од кои 73,5 отсто се од странски туристи, додека 26,5 отсто на домашните. Во април најбројни гости ни бие Турците 21.124, зад нив се Германците со 11.097, Србите со 4.905 и Французите со 4.881 регистриран турист.

Во периодот јануари – април 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 13,4 отсто споредено со истиот период лани. Иако кај домашните туристи е забележано намалување од 4,2 отсто, кај странските гости има раст од 21,6 отсто. Бројот на ноќевања се зголемил за 10,5 отсто, со тоа што домашните ноќевања се намалиле за 4,7 отсто, а странците направиле 19,8 отсто повеќе ноќевања.