Германија ја зајакнува заштитата на еврејските и израелските институции по нападот врз Иран

Макфакс

13/06/2025

11:54

127

Големина на фонт

а а а

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Израел има право да го брани своето постоење, а по израелските напади врз Иран, наредил зголемена заштита на еврејските и израелските објекти во Германија.

Утрово телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и свика состанок на кабинетот за безбедност во Берлин, објави германската влада.

Мерц нагласи дека целта останува да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје и го обвини Техеран дека продолжува да ги крши своите обврски од Договорот за неширење на нуклеарно оружје и дека претставува сериозна закана за регионот, особено за Израел.

Тој ги повика двете страни да се воздржат од потези што би можеле дополнително да го ескалираат конфликтот и да го дестабилизираат Блискиот Исток.

Синоќа Израел изврши воздушен напад врз повеќе цели во Иран како дел од операцијата „Стоечки лав“. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување на ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивото на зрачење.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на операцијата е да се „неутрализира егзистенцијална закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканува дека ќе го уништи Израел. Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и територии контролирани од проирански групи.