Владата на вчерашната седница ги отпочна првите чекори за реализација на Договорот со Велика Британија и веќе е формирано Координативно тело кое ќе ја следи реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија, информираше денеска Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
- Членови на координативното тело покрај мене се: Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Министерот за дигитална трансформација, Министерот за здравство, директорот на Македонски железници-Инфраструктура, Генералниот секретар на Владата и Државниот првобранител, а телото може да кани и други гости по потреба, кои што ќе ја следат реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија, истакна Николоски.
Додаде дека на вчерашната владина седница е направен и првиот чекор, за отпочнување на проектот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, од границата со Грција до границата со Србија.
- Имено Владата на предлог на Министерството за транспорт, донесе Одлука, со која што се задолжува Министерството за финансии, на меѓународниот финансиски пазар, низ една отворена и транспарентна процедура, да изнајде финансии за спроведување на овој проект. Должината на пругата треба да се некаде над 200 километри, истата треба да е двоколосечна, во патничкиот сообраќај треба да има брзина од 160км/ч, а во карго сообраќајот треба да има брзина од најмалку 120км/ч и рокот за реализација треба да е некаде 5 години. Очекуваме во текот на летните месеци да имаме поконкретни детали околу финансирањето на проектот, и секако да одиме кон фаза на избор на изведувач, кој што би почнал уште од оваа есен да работи на теренот. Ќе работиме во заеднички проект, каде што и проектирањето и изведбата ќе бидат од еден изведувач и најверојатно ќе се оди според FIDIC правилата или според така наречен жолт FIDIC или според така наречен среден FIDIC, изјави Николоски.