[ФОТО] Сиљановска-Давкова ги прими шпанскиот амбасадор и претставниците на ОН и УНДП во пресрет на Конференцијата во Севиља

Макфакс

12/06/2025

19:25

128

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија и претставникот на УНДП во Скопје, Армен Григориан, во пресрет на одржувањето на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), што под покровителство на ООН ќе се одржи во Севиља, Шпанија, а на која ќе учествува Сиљановска-Давкова.

На средбата претседателката беше запознаена со целите, очекувањата и важноста на Конференцијата. Лидерскиот собир во Севиља, соговорниците го оценија како добра можност за изнаоѓање решенија за справување со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите на одржливиот развој. Од Конференцијата, на којашто е најавено учество на повеќе од 50 шефови на држави и влади, се очекува да произлезе Платформа за акција, со конкретни иницијативи и финансии.

Сиљановска-Давкова смета дека без соодветни финансиски средства не е можно да се е реализира Агендата 2030. Таа укажа на потребата од реформирање на меѓународната финансиска архитектура, од поддршка на земјите во развој и поголема достапност на финансиите. Во инвестицискиот поттик на приватниот сектор и во јавно-приватното партнерство претседателката гледа решение за обезбедување на потребните средства. Потенцирајќи ги јасните цели, претседателката ја нагласи суштинската важност на мултилатералната и на регионалната соработка.

Претставниците на ОН ја поздравија силната посветеност на нашата држава на Агендата 2030, како и интегрирањето на целите за одржлив развој во националните стратегии и плановите за локален развој. Тие изразија задоволство од успешноста на Кредитната линија зa финансирање во зелена енергија (Green Financing Facilities), којашто овозможува инвестиции на малите и средни претпријатија во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Претседателката изрази подготвеност за натамошно проширување на билатералните односи со Шпанија и продолжување на одличната соработка со институциите на ОН. Таа го поздрави ангажманот на целиот тим на ОН во развојот на Рамката за соработка за одржлив развој 2026-2030, како стратешки документ, усогласен со националните развојни приоритети и меѓународните обврски за човековите права.