Опасна инфекција се шири низ Европа: Луѓето се предупредуваат да пазат на овие 4 симптоми

Точка

09/06/2025

21:42

7.227

Големина на фонт

а а а

Нов, многу заразен сој на ковид може да предизвика бран инфекции ова лето, предупредуваат научниците.

Наречен нимбус, овој сој потекнува од веќе суперзаразниот омикрон – и веќе предизвика пораст на бројот на случаи во Кина, Сингапур и Хонг Конг. Исто така, податоците од британската Агенција за безбедност на здравјето (УКХСА) покажуваат дека во Британија веќе се откриени 13 случаи на зараза со нимбус, научно познат како Н.Б.1.8.1, пишува „Дејли мејл“, додавајќи дека 25 британски примероци од овој сој се доставени до меѓународната база на податоци за ковид-19 од крајот на март.


Меѓутоа, двата податоци веројатно го потценуваат реалниот обем на ширење на варијантата, со оглед на значителното намалување на тестирањето во однос на врвот на пандемијата. Другите податоци од УКХСА покажуваат дека процентот на луѓе кои се тестираат позитивно на ковид достигнал највисоко ниво оваа година и е веќе 97 отсто повисок од нивото забележано во март.

Британските научници сега предупредија дека нимбус може да доведе до скок на бројот на случаи на ковид-19 во рок од неколку недели. Тие ги повикаа загрозените групи да се вакцинираат и предупредија дека имунитетот на многу луѓе на тој вирус – изграден преку претходните инфекции и постарите вакцини – веројатно ќе биде ослабен, што значи дека тие би можеле да бидат изложени на зголемен ризик од болеста.

„Има потенцијал да се шири во текот на летото“

Професорот Лоренс Јанг, виролог на Универзитетот Ворвик, рекол дека нимбус има потенцијал да предизвика зголемување на случаите како што времето станува потопло и луѓето излегуваат и се дружат повеќе.

„Многу е веројатно дека ќе видиме зголемување на инфекциите во следните неколку месеци, можеби на крајот на овој месец или во јули. Но, тешко е да се предвиди нивото на овој бран инфекции. Имунитетот на населението – без разлика дали е од вакцинација или претходна инфекција – опаѓа и, за разлика од другите респираторни вируси како што е грипот, ковид продолжува да се шири во топло и влажно време“, рекол тој.


Во моментов нема докази за веројатноста овој сој да предизвика посериозна болест или смрт кај заразените, во споредба со претходните соеви. Меѓутоа, инфекцијата со вирусот и понатаму може да биде смртоносна за загрозените групи.

Ковид беше фактор во смртните случаи на нешто повеќе од 300 луѓе во Англија во мај, според најновите официјални бројки.

„Нимбус сега сочинува 10,7 отсто од сите инфекции со ковид во светот“

Кои се симптомите на зараза со нимбус:

• Замор;

• Треска;

• Болка во мускулите;

• Воспаление на грлото.

Податоците на УКХСА за тестовите на ковид, кои го опфаќаат периодот до 1 јуни, покажуваат дека 6,1 отсто од луѓето тестирани таа недела биле позитивни на вирусот, што е најголем број во 2025 година досега.

Како што наведува „Дејли мејл“, ова е зголемување од седум отсто во споредба со податоците од минатата недела, а зголемување од 97 отсто во споредба со бројките забележани на почетокот на март.

„Внимателно го следиме нимбус“

Д-р Гајатри Амирхалингам, заменик-директорка на УКХСА, рекла дека организацијата внимателно го следи нимбус.


„УКХСА ги следи сите достапни податоци во врска со варијантите на SARS-CoV-2 во Велика Британија и во странство и продолжуваме да ги објавуваме нашите наоди во редовните извештаи за надзор на грип и ковид-19. Сојот Н.Б.1.8.1 досега е откриен во мал број случаи во Велика Британија, но меѓународните податоци сугерираат дека расте во однос на сите случаи на ковид-19“, рекла д-р Амирхалингам.

Податоците на УКХСА сугерираат дека луѓето кои ја примиле вакцината против ковид како дел од минатогодишната пролетна кампања за имунизација имале 45 отсто помала веројатност да им треба болничка нега за вирусот во неделите што следеле, во споредба со невакцинираните.

Агенцијата апелирала до сите лица кои се квалификувани за вакцина да ја примат за да се заштитат од Н.Б.1.8.1, како и од ковид воопшто.