Ескалираше судирот меѓу Израел и Иран : Што е најлошото што би можело да се случи?

Точка

14/06/2025

10:45

5.023

Големина на фонт

а а а

Конфликтот меѓу Израел и Иран моментално е ограничен на овие две земји, но се почесто се поставува прашањето – што ако ескалира? Одговорите би можеле да имаат далекусежни последици, не само за регионот, туку и за целиот свет.

Најдобри и најлоши сценарија според анализа на BBC:

Најдобри сценарија:

• Конфликтот останува ограничен на Израел и Иран

• Дипломатскиот притисок го спречува ширењето

• Иран не возвраќа со напади врз американски цели

• Израелските напади успешно ги уништуваат нуклеарните цели без регионална ескалација

Најлоши сценарија:

• Иран напаѓа американски бази и цели низ Блискиот Исток

• САД се директно вклучуваат во војна

• Напади врз нафтената инфраструктура во Персискиот Залив предизвикуваат глобален енергетски шок

• Израел не успева да ја уништи нуклеарната програма на Иран, кој потоа го забрзува развојот на оружје

• Пад на иранскиот режим создава вакуум сличен на оној во Ирак или Либија


САД би можеле да бидат вовлечени во конфликтот

Иако Вашингтон упорно негира директна вмешаност, Иран очигледно верува дека американските сили ги одобриле или барем премолчено ги поддржале израелските напади. Како одговор, Техеран би можел да ги нападне американските воени бази во Ирак и Персискиот Залив, логори на специјални единици или дипломатски претставништва.

САД веќе евакуираа дел од персоналот, но во случај на смрт на американски државјанин – на пример во Тел Авив – американскиот претседател Доналд Трамп би можел да биде под притисок да одговори. Иако Трамп им вети на гласачите дека нема да започне нови војни на Блискиот Исток, многу републиканци силно ја поддржуваат израелската влада и нејзината политика кон Иран. Вклучувањето на САД во војната би значело драматична ескалација и долгорочни последици.

Потенцијално проширување на конфликтот врз земјите од Персискиот Залив

Ако Иран не успее да нанесе сериозна штета на израелските воени цели, би можел да ги пренасочи нападите кон „помеки“ мети – како енергетска инфраструктура во заливските земји кои ги смета за одговорни за израелските успеси. Слични напади веќе се случија во Саудиска Арабија (2019) и Обединетите Арапски Емирати (2022).

Иако некои односи во регионот се подобрени, многу од овие земји сè уште угостуваат американски бази и – според "BBC" – дискретно помогнале во одбраната на Израел минатата година. Во случај на напад врз Персискиот Залив, тие земји веројатно би побарале американска воена заштита.

Израел можеби нема да ja уништи иранската нуклеарна програма

Една од клучните непознаници е ефективноста на израелските воздушни напади. Ако Иран успее да ги зачува резервите на ураниум збогатен до 60% – што е чекор до оружјето – и ако нуклеарните постројки останат недопрени, израелската офанзива може да има спротивен ефект: да го поттикне Техеран да го забрза развојот на нуклеарно оружје.

Експертите сметаат дека иранското знаење за нуклеарна технологија е неуништливо. Доколку новите воени лидери во Техеран бидат помалку претпазливи од своите претходници, би можело да дојде до долготрајна спирала на удари и контраудари – стратегија што израелските функционери ја нарекуваат „косење трева“.


Опасност од глобален енергетски шок

Цената на нафтата веќе расте, а нов удар би можел да дојде ако Иран се обиде да го затвори Хормушкиот Теснец – клучна точка за глобалната нафтена дистрибуција. Истовремено, Хутите во Јемен – последните преостанати ирански сојузници во регионот – би можеле да ги зголемат нападите врз бродовите во Црвеното Море.

Ваквиот развој на настаните би ја влошил веќе сериозната глобална криза со трошоците за живот. Цените на енергијата би скокнале, инфлацијата би се зголемила, а најголем бенефит би имал рускиот претседател Владимир Путин – поради повисоките приходи од извоз на нафта за финансирање на војната во Украина.

Пад на иранскиот режим носи нови ризици

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јавно порача дека неговата воена операција има поширока цел – уривање на режимот во Техеран. Во обраќање до иранскиот народ рече дека нападите го „расчистуваат патот до слободата“ и ги повика на отпор против „злобниот и репресивен режим“.

Но што ако режимот навистина падне? Кој ќе го пополни политичкиот вакуум? Мнозина се сеќаваат на крвавите последици што следеа во Ирак и Либија по рушењето на централната власт. Граѓанска војна, колапс на институциите и подем на екстремизмот би можеле да бидат несакани, но реални сценарија.

Сè зависи од следните потези

Судбината на регионот – па и пошироко – во голема мера ќе зависи од две прашања: како и колку силно ќе возврати Иран, и дали САД ќе успеат да го смират Израел. Исходот на тие одлуки би можел да ја дефинира иднината на Блискиот Исток во годините што доаѓаат.