Руското Министерство за внатрешни работи издаде потерница по Артем Тимофеев (37), Украинец со руско државјанство, кој наводно го организирал и извршил нападот врз воени аеродроми на руска територија.
„Се бара врз база на член од Кривичниот законик на Руската Федерација“, пишува во базата на податоци, објави ТАСС.
Руските власти ѝ соопштија на агенцијата ТАСС дека Тимофеев е осомничен за украинскиот напад врз воените аеродроми на руска територија на 1 јуни.
Западните медиуми пренесоа дека во моментов се води голема руска потера по Тимофеев. Тој е цивил, некогаш познат диџеј во Киев, кој се преселил во Русија по почетокот на војната.
Russian Citizen? Ukrainian Agent.
— Clash Report (@clashreport) June 2, 2025
Artem Timofeev, 37, suspected of organizing drone strikes on Russian airbases, became a Russian citizen years ago, registered as a private entrepreneur in 2024, and bought four trucks later used in the June 1 attacks.
His social media shows… pic.twitter.com/FTFTGQoXUr
Тој добил руско државјанство, а во 2024 година основал шпедитерска компанија со сопругата Екатерина. На тој начин, можел да купува камиони и да зема под закуп магацини, кои подоцна биле искористени за напад врз руски бомбардери.
За возење на камионите ангажирал возачи од Чељабинск, регионот каде што живеел, а кои биле уапсени по нападот. Сите им раскажале иста приказна на руските власти – Тимофеев ги ангажирал да доставуваат дрвени монтажни куќи, натоварени на камиони.
Уште едно понижување за руската служба
Профилите на Тимофеев на социјалните мрежи покажуваат силни проукраински ставови. Поранешниот диџеј и поддржувач на Евромајдан, Тимофеев живеел во Киев. Се преселил во Русија дури по почетокот на војната, а и покрај неговите јасни проукраински ставови, не се соочил со никаква проверка кога аплицирал за државјанство, купил камиони и изнајмил магацини, поради што медиумите пишуваат дека ова е уште едно понижување за рускиот претседател Владимир Путин и руската разузнавачка служба.
Додека возеле, биле контактирани преку мобилен телефон да застанат на одредена бензинска пумпа или паркинг покрај патот, што се покажало како место за лансирање дронови.
Пред самиот напад Тимофеев наводно избегал од Русија со својата сопруга, која е по потекло од Киев. Според медиумите и информациите од Телеграм каналот, тие заминале за Казахстан, а нивната моментална локација е непозната.
Украинските медиуми објавија дека украинската служба тајно транспортирала воени дронови длабоко во внатрешноста на Русија, илјадници километри од украинската граница, чекајќи го вистинскиот момент за нивна употреба.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно изјави дека сите учесници во операцијата се на безбедно во Украина.