Претседателот на САД, Доналд Трамп, откри нови детали од неговиот разговор со рускиот претседател на прес-конференцијата одржана со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа денес. Тој го предупредил Владимир Путин да не возвраќа на Украина, но вели дека тој не го послушал.
Трамп изјави дека Путин му ставил до знаење дека Русија „нема друг избор“ освен да одговори на украинскиот напад врз воените аеродроми. Трамп тврди дека се обидел да го одврати од тој план, но без успех.
„Тие навлегоа длабоко во Русија“, им рече Трамп на новинарите. „И Путин буквално ми рече: „Немаме избор, мора да се бориме за ова“ и дека веројатно нема да биде убаво.“ Додаде дека му рекол: „Немој да го правиш тоа, не треба да го правиш, треба да запреш.“
Трамп рече дека има „многу омраза“ меѓу двете страни, но изрази оптимизам дека прекин на огнот сè уште може да се случи: „Верувам дека ќе се случи во одреден момент.“
Кога го прашаа дали ќе продолжи да ја поддржува Украина, Трамп одговори: „Да, јас сум со Украина. Токму потпишавме голем договор за ретки метали со Украина и… Знаете за што сум? Запирање на убивањето, навистина. За тоа сум, повторно – запирање на војна што никогаш не требаше да започне“, рече тој.
Кога го прашаа дали ќе воведе дополнителни санкции против Русија, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ќе биде „многу, многу строг“ ако стане јасно дека војната нема да заврши наскоро.
Но, во изјава што веројатно ќе ги загрижи сојузниците на Украина, тој потоа додаде: „Можеби за двете страни, да бидам искрен. Потребни се двајца за танго.“
„Ќе бидеме многу цврсти, без разлика дали е Русија или некој друг. Таму се лее крв“, рече тој.
Трамп потоа се послужи со хокеарска аналогија, велејќи дека понекогаш мора да дозволите двете страни „малку да се пукаат една во друга“ пред да интервенирате.
Но, тој заклучи дека ситуацијата е исклучително тешка: „Има многу лоша крв. Морам да се справам со тоа, канцеларот Мерц мора да се справи со тоа… неверојатно е колку омраза има меѓу тие две страни што се во војна. Многу омраза.“
Еден ден претходно, Трамп објави дека разговарал со Путин по телефон и изјави дека рускиот претседател „му кажал многу јасно“ дека Русија ќе одговори на украинскиот напад. Кремљ потоа денес го потврди ова, велејќи дека ќе одговори „кога војската ќе смета за соодветно“.
Украинската безбедносна служба СБУ спроведе историска операција наречена Пајажина, погодувајќи неколку стратешки руски воздухопловни бази. Повеќе од 20 воени авиони, вклучувајќи бомбардери и авиони за надзор А-50, беа уништени или сериозно оштетени во најмоќниот напад на руска територија од почетокот на војната.