Воената индустрија преминува од челик на чипови: Шефот на "Saab" им порача на младите да го студираат ова ако сакаат работа во одбраната

Точка

04/06/2025

15:52

716

Големина на фонт

а а а

Лекциите од војната во Украина се сè побројни, а еден од најважните е дека одбранбената индустрија мора драстично да се промени и да се приспособи на новите технологии – пред сè на вештачката интелигенција.

Одбранбената индустрија се трансформира со голема брзина – наместо челик и чад, во прв план сега доаѓаат силициум и софтвер. Младите експерти кои поседуваат вештини за развој на вештачка интелигенција наскоро би можеле да станат нејзин најважен ресурс.


Софтверот ја презема командата

Микаел Јохансон, извршен директор на шведскиот "Saab" и новоизбран претседател на Здружението на европски воздухопловни, безбедносни и одбранбени индустрии, ја опиша оваа трансформација во интервју за "Business Insider".

„Нашите системи ќе бидат дефинирани од софтверот, па затоа инженерите за вештачка интелигенција, оние со одлични софтверски способности и експертите за обработка на податоци, ќе бидат исклучително важни за нас“, изјави Јохансон. Тој нагласи дека механичарите, техничарите и заварувачите и понатаму се клучни, но дека иднината на индустријата зависи од дигиталните вештини.


Украина како катализатор

Една од главните причини за оваа промена, според Јохансон, е токму војната во Украина. Брзиот развој на тактиките со дронови и електронските контрамерки ја зголемува потребата од адаптивни, мрежно поврзани системи.

„Технологијата ќе се развива толку брзо, што нема да можете едноставно да купите, на пример, 50.000 дронови и да ги чувате во магацин. Речиси е како да сакате да имате дронови како услуга“, изјави тој.


"Saab" во подем

Од почетокот на руската инвазија на Украина, "Saab" бележи значителен раст. Годишната продажба достигнала 5,52 милијарди евра во 2024 година, во споредба со 3,39 милијарди евра во 2021. Вредноста на акциите на компанијата пораснала за над 120%, достигнувајќи 42,01 евра.

„Минатата година добивме повеќе од 200.000 апликации за работа, а во првото тримесечје од оваа година – веќе 74.000“, рече Јохансон. "Saab" првично планирал да вработи 1.000 луѓе во Шведска во 2024, но поради огромниот интерес, целта е зголемена на 2.000, откако веќе во првиот квартал биле примени 900 нови вработени.