Додека Мицкоски зборува за некаква си силна економија, Македонија се наоѓа пред историски најсериозната економска и финансиска криза каква што не се памети во земјата од нејзиното осамостојување, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Владата, како што оцени таа, се наоѓа во сериозен кризен менаџмент, особено во Министерството за финансии.
„Тоа што како печурки никнуваат разноразни аналитичари, кои зборуваат за некаков си економски раст, е само потврда дека јавноста се подготвува за сериозна криза. Реалноста, сепак, е дијаметрално спротивна. Фактите говорат дека буџетот е пред целосен крах. Повратот на ДДВ за фирмите не се враќа. Фирмите, од најголемите извозници до малите бизниси, немаат поврат и ги трпат последиците. Немаат ликвидност, немаат пари за плати, се задолжуваат. Ова е прв јасен индикатор дека во државната каса нема пари. Истовремено, земјоделците чекаат субвенции, што одамна требаше да ги добијат“.
Според неа, најавите за рекордна поддршка се целосна лага, а реалноста е дека нема пари на сметките на земјоделците.
„Доцнат плати во институциите. Вработените во образованието, културата, дури и во дел од јавната администрација, првпат во 35 години од осамостојување на државата не се сигурни дали на први во месецот ќе ја добиајт својата плата. Последен ваков случај е со доцнењето на платата во Министерството за внатрешни работи. Ништо не се гради, ништо не се движи економски. Ниту проекти, ниту вработувања, ниту локален развој. Единствен сериозен капитален проект во овој момент се коридорите 8 и 10, почнати во времето на владата на СДСМ“.
Како што истакнува, да биде ситуацијата уште потрагична, една милијарда евра од унгарскиот кредит, „кој треба да го враќаме сите во наредните две децении, е потрошен на сервисирање редовни обврски на државата, а не за економски и капитални проекти како што беше најавувано“.
Уште поопасно, според Кузеска, е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја прикрие оваа катастрофа.
„Значи растот што сака власта да го престави е резултат на инфлаторно зголемена потрошувачка, а не на продуктивност, инвестиции или извоз. Кога цените растат, се зголемува номиналната вредност на БДП, а тоа значи дека граѓаните плаќаат повеќе за иста количина производи и услуги. Ама имаат помалку. Владата мери лажни проценти, граѓаните мерат сиромаштија во денари гледајќи како цените растат побргу од платите, а нивните паричници се празни. ДПМНЕ, „Влен“ и приврзокот ЗНАМ мора да одговорат и да не се крие дали е точно дека најголем дел е потрошен за тековни раходи затоа што нема пари во буџетот? Дали Македонија е пред државен банкрот“, прашува Кузеска.