Бугарите против воведувањето на еврото: „Ќе ви ја земат заштедата и ќе ја пратат во Украина, сиромашните ќе бидат уште посиромашни“

Точка

31/05/2025

10:50

1.367

Големина на фонт

а а а

Бугарија, според очекувањата, во јуни треба да добие зелено светло од Брисел за воведување на еврото, но таа перспектива ги вознемирува многу граѓани, пишува "Index.hr".

„Ако Бугарија ѝ се приклучи на еврозоната, тоа ќе биде како качување на Титаник“, изјави за "AFP" пензионираниот висок службеник Николај Иванов на неодамнешен протест на кој се повикуваше на задржување на националната валута – левот.

Протести и повици за референдум

Од јануари, противниците на воведувањето на заедничката европска валута во Бугарија започнаа со протести и бараат референдум, во услови на зголемен прилив на дезинформации. Се разгореа и сеќавањата на економската криза од 1996 – 1997 година, кога банкротираа 14 банки, а хиперинфлацијата надмина 300%, што дополнително ја поттикна опозицијата.

„Сиромашните се плашат дека ќе станат уште посиромашни“

Неколку неодамнешни анкети покажуваат дека речиси половина од испитаниците се против приклучувањето на еврозоната. Расправата повторно ја разгоре анти-ЕУ пропагандата, а дел од противниците на еврото почнаа да развиоруваат руски знамиња.

Бугарија, која ѝ се приклучи на Европската Унија во 2007 година, е најсиромашна членка на блокот, а сиромашните стравуваат дека воведувањето на еврото ќе ја влоши нивната ситуација, вели Бориана Димитрова, претседателка на истражувачкиот институт "Alpha Research".


Економски стравови поттикнати од крајната десница

Недовербата во институциите по повеќегодишна политичка нестабилност создаде плодна почва за страв кај населението од 6,4 милиони од економските промени.

Стравот го разгоруваат и одредени политички партии, меѓу кои и крајнодесничарската „Вазраждане“, која вчера повика на нов протест против воведувањето на еврото во главниот град Софија.

Прорускиот претседател на државата, Румен Радев, на почетокот на мај со изненадувачка најава побара референдум за ова прашање.

„Брисел ќе ја конфискува заштедата за да ѝ помогне на Украина“ – лажни вести

Оваа недела, Радев ја обвини владата дека не ги презема потребните мерки за заштита на најранливите граѓани од економскиот шок што би го предизвикало преминувањето на еврото. Според податоци од Евростат, една третина од Бугарите лани се соочила со ризик од сиромаштија или социјална исклученост.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се шират дезинформации, во кои лажно се тврди дека со воведувањето на еврото Брисел ќе ја конфискува заштедата на граѓаните за да ја финансира Украина.


Гласот на проевропејците слабо се слуша

Проевропските гласови сè потешко допираат до јавноста. „Во Софија и другите поголеми градови, популацијата која е побогата, пообразована и помлада, на ова гледа како на логичен следен чекор во процесот на европска интеграција“, вели Димитрова.