Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Астана, оствари билатерална средба со министерот за енергетика на Република Казахстан, Ерлан Аккенженов.
На средбата се разговараше за искуствата на двете земји во спроведувањето на енергетската транзиција, улогата на критичните минерали во зелената економија, како и за потенцијалите за соработка во делот на обновливи извори на енергија, геолошки истражувања и инвестициски можности.
Министерката Божиновска истакна дека Македонија е посветена на изградба на одржлив и транспарентен модел за користење на домашните минерални ресурси и дека регионалната и меѓународната соработка е клучен предуслов за успешно управување со глобалните енергетски предизвици.
„Размената на искуства со земји како Казахстан, кои имаат силна традиција и експертиза во енергетскиот сектор, е значајна за нашата земја во процесот на градење одржлива енергетска иднина.“ изјави министерката Божиновска.
Министерот Аккенженов ја поздрави заложбата на Македонија за зелена транзиција и истакна дека Казахстан гледа можности за соработка со земјите од Западен Балкан, особено во делот на размена на технички знаења и пристап до нови технологии.
„Казахстан е подготвен да споделува искуства и да гради нови партнерства со земји кои имаат јасна визија за енергетскиот развој и рационално користење на ресурсите.“ нагласи министерот Аккенженов.
Состанокот помина во конструктивна и отворена атмосфера, при што двајцата министри се согласија дека постои реален потенцијал за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Казахстан во областа на енергетиката. Беа идентификувани конкретни можности за размена на знаења и техничка експертиза, особено во однос на развојот на хидроген како енергент на иднината – област во која Казахстан веќе има активни и напредни проекти.
Дополнително, беше посочено дека искуството на Казахстан во воспоставување и примена на батериски системи за складирање на енергија може да биде од голема корист за Македонија, во процесот на стабилизирање и модернизација на националниот енергетски систем.
На крајот од средбата, министерката Божиновска го покани министерот Аккенженов да ја посети Македонија и да учествува на Меѓународниот форум што ќе се одржи во октомври во Скопје, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Форумот ќе претставува важна платформа за унапредување на регионалната и меѓународната соработка во секторот.
Попладнето, министерката Божиновска во рамки на Астана интернационален форум ќе се обрати како говорник на пленарна сесија со наслов „The Resource Race: Who Controls the Green Future“.