Сè уште се тинејџери, а веќе извршуваат злосторства по нарачка. Се чини дека во Европа, се дека криминалните групи регрутираат млади луѓе за тешки кривични дела.
Едно истражување покажало дека тоа се случува и во Германија, пренесе Дојче Веле.
Недела вечер во јануари 2025 година во Хамбург. Ризван А. (49) седи со своето семејство во добро посетена слаткарница, јадејќи колач. Кратко потоа, тинејџер пука во него. Напаѓачот се вика Мајк Ф., има 15 години и наводно допатувал од Холандија за да го изврши нападот.
Тој го ранил Ризван А. и се обидел да избега во блискиот ресторан, но нападнатиот и неговите придружници го стигнуваат. Во ресторанот, го собориле на подот, го претепале и клоцале. Мајк Ф. подоцна бил пренесе во болница со две прострелни рани. Се сомнева дека е поврзан со криминални организации.
Аднан Ајкач, адвокат на еден од обвинетите кој учествувал во потера по тинејџерот, изјави: „Мислам дека сакаа да прикријат од каде доаѓа нападот и затоа бил ангажиран некој однадвор“.
Убиецот бил ангажиран преку социјалните мрежи
Нарачувањето и упатувањето на малолетниците да извршат кривични дела често се врши преку социјалните медиуми. Тоа го покажува и со случајот од Шведска од 2024 година: 15-годишен Швеѓанец отпатувал во Данска со цел да убие член на бајкерска банда.
Тој наводно бил регрутиран преку оглас за работа на страница на социјалните медиуми. Добил прецизни инструкции од лицето кое го нарачало злосторството: „Два куршуми во главата и потоа е мртов. 200%!“
Полицијата го уапсила непосредно пред убиството. Тој моментално е во затвор, а според пресудата мора да остане таму до 2030 година. Новинарите од уредничкиот тим на „STRG_F“ на германскиот јавен радиодифузен сервис „NDR“ разговарале со неговата мајка. Таа изјавила дека нејзиниот син во последно време бил многу повлечен: „Многу криминалци конкретно бараат млади луѓе кои имаат проблеми во животот, а потоа ги воздигнуваат до небо“.
Зошто малолетници?
Малолетниците добиваат полесни казни бидејќи им се суди според законот за малолетничка деликвенција. Исто така, се смета дека е полесно да се влијае врз нив, објасни шведскиот новинар Диамант Салиху, специјализиран за кривични случаи.
Криминалците ги таргетираат децата и младите луѓе кои се ранливи: „Некои имаат семејни проблеми, некои имаат долгови“. Овој феномен може да се опише како „криминал како услуга“. „Исто како што нарачувате достава на храна, можете да нарачате и некој да го убие вашиот непријател“, истакна новинарот.
„Еден ден ќе станам милионер“
Мајк Ф., 15-годишниот Холанѓанец кој го извршил пукањето во Хамбург, имал семејни проблеми, живеел во центар за млади и веќе ѝ бил познат на полицијата. Исчезнал неколку дена пред злосторството. Додека на неговиот ТикТок профил објавил видео со стихови од песна: „Како дете имав соништа. Еден ден ќе станам милионер“.
Набргу потоа завршил во притвор. Сега чека судење, закажано за јули 2025 година. Јавното обвинителство во Хамбург вели дека „нема конкретни докази за регрутирање“, но постојат „околности што би можеле да укажуваат на нарачано убиство“.
Еден пријател на Мајк, кој исто така има 15 години и носи електронска нараквица, опишал како изгледа регрутирањето: „Постои газда кој сака работата да се заврши и луѓе кои се занимаваат само со регрутација“. Тој тврди дека одбил понуда од 5.000 евра за да ограби златар од страв повторно да не заврши во затвор.
Прекугранично регрутирање на малолетници
Криминолозите и истражителите алармираат. Дирк Пеглоу од Здружението на германски криминолози пишува за редакцијата на „STRG_F“: „Криминалот во Хамбург е предупредувачки пример зошто е важно рано да се препознаат и разбијат структурите на организираниот криминал и да се сензибилизира општеството за овие опасности“.
Постојат и други случаи во Германија кои укажуваат на прекугранично регрутирање на малолетници за убиство и други сериозни кривични дела. Во 2023 година, полицијата уапсила млади Холанѓани во пристаништето во Хамбург, меѓу кои и еден 16-годишник.
Се обиделе да украдат кокаин од контејнер. Во 2024 година, 15-годишен Холанѓанец поставил експлозивна направа во Келн. Тој избегал од местото на злосторството, но по шест месеци се предал на полицијата. Два дена подоцна – уште една експлозија во Келн. И повторно тинејџер од Холандија бил осомничен. Според медиумите, тој бил регрутиран преку интернет за пари.
Европол основал работна група
Европол, европската агенција за борба против криминал, основа работна група со истражители од осум земји за заедничка борба против регрутирањето малолетници. Енди Краг, раководител на одделот за организиран криминал во Европол, го смета проблемот за итен: „Ние сме само на почетокот од борбата против овој феномен. Сега е вистинското време да го изгаснеме овој пожар во неговиот зачеток, пред да се прошири низ Европа“.
Само со заострување на казните нема да се постигне многу, смета тој. Европол сака да соработува со онлајн платформи за да обезбеди нарачките за убиства веднаш да се бришат. Тие исто така сакаат да ги користат овие платформи за да ги идентификуваат оние што регрутираат млади луѓе за извршување кривични дела. Платформите реагираат различно на проблемот со регрутирањето преку нивните канали.
Сигнал не одговори на барањето на редакцијата на „STRG_F“. Снепчет, Телеграм, Мета и ТикТок нагласуваат дека го сфаќаат проблемот сериозно. Тие наведуваат дека недозволената содржина е веќе забранета и дека милиони такви содржини, вклучително и обиди за регрутирање, се бришат. Тие исто така истакнуваат дека соработуваат со органите на прогонот. Зошто регрутирањето е сè уште присутно на сите овие канали – тие не понудија јасен одговор.
Недостасуваат податоци за Германија
Податоците за регрутирање малолетници за криминални организации во Германија не постојат бидејќи нема систематско собирање информации. Статистиката за криминалот за 2024 година покажува дека има зголемување на насилството кај младите. Но, заднината на ова во голема мера останува нејасна, бидејќи честопати недостасуваат докази.
Коалицискиот договор на германската влада (ЦДУ/ЦСУ и СПД) наведува дека ќе се спроведе студија за малолетничкиот криминал. Таа треба да покаже зошто криминалот кај децата и младите се зголемува и какви законски мерки се можни за да се спречи тоа.
На барање на „STRG_F“, Министерството за правда на Германија се повика на оваа планирана студија. Министерството за внатрешни работи се повика на Федералната канцеларија за борба против криминал (BKA), која пак рече дека планира да учествува во работната група на Европол.