Сојузниот суд на Соединетите Американски Држави замрзна голем дел од високите царини што претседателот Доналд Трамп ги воведе на странски држави, оценувајќи дека со тоа ги пречекорил своите овластувања.
Одлуката, донесена од судискиот совет на Американскиот суд за меѓународна трговија, ја стопираше сеопфатната царина од 10 отсто што Трамп ја воведе „речиси за секој трговски партнер на САД“, а дополнителни царини се закануваа на десетици земји, пренесува „NBC News“.
Блокирани царини за Кина, Мексико и Канада
Судот исто така ги блокираше посебните царини што администрацијата на Трамп ги воведе за Кина, Мексико и Канада, при што како образложение за зголемувањето беа наведени трговијата со дрога и илегалната миграција.
Администрацијата на Трамп ги оправдуваше царините повикувајќи се на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби од 1977 година (IEEPA), кој му дава на претседателот овластување да го регулира увозот во време на одредени вонредни ситуации.
Меѓутоа, судот вчера го отфрли толкувањето на законот од страна на владата, оценувајќи дека би било противуставно доколку кој било закон што го донесе Конгресот му даде на претседателот општо овластување за одредување на царините.
„Судот не носи одлука за мудроста или можната ефикасност од употребата на царините како алатка од страна на претседателот. Таа употреба е недозволива, не затоа што е неразумна или неефикасна, туку затоа што (федералниот закон) не ја дозволува“, наведува тричлениот судски совет во одлуката.
Судот оцени дека царините за Кина, Канада и Мексико не се легални, бидејќи „не се однесуваат на заканите наведени во тие наредби“.
Судската пресуда ја донесоа тројца судии кои беа номинирани од поранешниот претседател Роналд Реган, поранешниот претседател Барак Обама и самиот Трамп во својот прв мандат.
Трамп ќе поднесе жалба
Администрацијата на Трамп во судските документи најави дека ќе се жали на пресудата пред Федералниот апелациски суд.
Портпаролот на Белата куќа, Куш Десај, одговори на одлуката на судот бранејќи го образложението за царините, велејќи дека трговските дефицити на САД со други земји „создале национална вонредна состојба што ги уништила американските заедници“.
Тој тврди дека давачките се неопходни за да се поттикне домашното производство и да се стави крај на она што го смета за неправедни трговски практики.
Воведувајќи ги царините на почетокот од април, Трамп го нарече трговскиот дефицит „национална вонредна состојба“, што послужи како основа за 10-процентната царина на целокупниот увоз, со повисоки стапки за земјите со кои САД имаат најголем трговски дефицит, особено Кина.
Многу од тие царини беа паузирани една недела подоцна.
Трамп изјави дека е незадоволен од брзината на трговските преговори со ЕУ и се закани дека од 1 јуни ќе воведе царини од 50 проценти на целата стока од ЕУ, но подоцна се согласи да го продолжи рокот за преговори до 9 јули.