Берлин ја сака организацијата на Олимписките игри 100 години по Хитлер – легендарниот нацистички стадион повторно домаќин

Точка

28/05/2025

11:51

432

Големина на фонт

а а а

Берлин денес официјално ја претстави својата кандидатура за повторно домаќинство на Летните олимписки игри – и тоа на истиот стадион каде што се одржаа Игрите во 1936 година под нацистичкиот режим.

Министерката за спорт на Берлин, Ирис Шпрангер, изјави дека градот има амбиција да ги организира Олимписките и Параолимписките игри во 2036, 2040 или 2044 година, користејќи ја постојната спортска инфраструктура, пренесува „АП“.

Сепак, нејзината најава дека во организацијата би бил вклучен и поранешниот аеродром Темпелхоф најверојатно ќе се соочи со отпор од локалното население, кое уште во 2014 година преку референдум се изјасни против каква било изградба во популарниот градски парк.


Шпрангер замислува одбојката на песок да се игра кај Бранденбуршката порта, а водените спортови да се одржуваат во Гринау – населба покрај реката, која исто така беше домаќин на вакви натпревари во 1936 година.

За време на презентацијата, Шпрангер откри малку детали, нагласувајќи дека кандидатурата сè уште е во фаза на концепт.


Кандидатурата под името „Berlin plus“, поддржана од сојузните покраини Бранденбург, Саксонија, Мекленбург-Западна Померанија и Шлезвиг-Холштајн, ќе му биде претставена на Германскиот олимписки спортски сојуз (DOSB) до крајот на месецот.

"DOSB" ќе одлучи за кои Олимписки игри Германија ќе поднесе официјална кандидатура.


Лос Анџелес ќе биде домаќин во 2028 година, а Бризбејн во 2032, што значи дека Берлин би можел да аплицира за Игрите во 2036 – точно 100 години по Олимписките игри одржани во времето на нацистичка Германија.

Германскиот олимписки сојуз веќе посочи дека кандидатура и за 2040 година е можно сценарио.

Градоначалникот на Берлин, Кај Вегнер, изјави дека Олимписките игри во 2036 година, без разлика каде ќе се одржат, ќе бидат потсетник на мрачната историја од 1936, на што ќе му биде посветено посебно внимание.


„Горд сум што сум градоначалник на град што во последниве 100 години длабоко се промени, град кој веќе не стои на страната на диктатурата, исклучувањето и масовното насилство. Денешен Берлин е космополитски, меѓународен и разновиден град“, изјави Вегнер.

Адолф Хитлер лично бил вклучен во дизајнот и изградбата на атлетската арена со капацитет од 100.000 седишта, откако нацистите ја презедоа власта во 1933 година.