Реал Мадрид работи на враќање на Нико Паз откако Чаби Алонсо дал зелено светло за кам-бек на Аргентинецот кој блесна во италијанската Серија А, но паралелно „кралевите“ работат и на еден трансфер кој им го препорача Тони Крос.
Флорентино Перез во договор со Карло Анчелоти не донесе вистинска замена за Крос минатата сезона и отсуството беше амортизирано со Феде Валверде кој доби поинаква улога на теренот, но во ситуација кога си замина и вториот столб во средниот ред на Реал, претседателот едноставно ќе мора да го одврзе ќесето.
Крајот на етапата Лука Модриќ означи и крај на една ера во средниот ред на шпанскиот великан, па под водство на Чаби Алонсо за очекување е да видиме еден нов систем на игра, но и неколку нови играчи кои треба да донесат освежување.
Покрај Нико Паз, Реал Мадрид е добро позициониран и за Ангело Штилер, големиот работник во средниот ред кој имаше импресивна сезона во Штутгарт и кој истата ја заврши со освоен трофеј во германскиот Куп.
Штилер е играч кој Тони Крос му го препорача на Реал пред извесно време и кој експресно се најде на радарот на „кралскиот клуб“, а како што уверува „Марка“, добри студии за неговите изданија во Германија доставил и новиот тренер.
Угледниот медиум информира дека Чаби Алонсо одобрил преговори со Штутгарт за ангажман на Штилер, па за очекување е Реал да преземе и поголема иницијатива за негов ангажман во периодот кој следи.