Антони фудбалски воскресна во Бетис и пронајде место кое повторно му овозможи да го прикаже својот најдобар фудбал, а огромниот пресврт кој го направи во период од неполни пет месеци направи да биде една од главните ѕвезди во големото финале во Конференциската лига.
Бетис утре ќе ги одмери силите со Челси и ќе се обиде да ја заврши сезоната со освоен трофеј, но пред да дојде ред на клучниот меч за андалузијците, Антони се отвори во интервју за бразилскио „ТНТ Спортс“ и се обиде да долови како изгледале неговите последни денови во Манчестер Јунајтед.
Судејќи по неговата изјава и емоциите кои ги искажа, Антони воопшто не планира да се враќа во Манчестер Јунајтед, а останува да се види дали Бетис ќе може да си го дозволи неговиот трансфер, но и неговата плата.
– Во Манчестер останав без желба да играм фудбал. Не бев свој, потребно ми беше да се пронајдам себеси и да ја пронајдам среќата во фудбалот. Јас играв фудбал со насмевка на лицето, а последните месеци во Јунајтед беа многу тешки. Му кажав на мојот брат дека не можам да издржам, а тој побара од мене да издржам само уште малку. Емотивно се потресувам бидејќи тоа беа нависитна многу тешки денови за мене.
– Единствено што сакав е да бидам дома, немав сила ниту да си играм со мојот син. Со денови не јадев и бев затворен во мојата соба. Тоа беа многу тешки моменти за мене, но благодарение на Бога сега ја пронајдов среќата. Многу сум среќен во Бетис, – вели Антони.