Песочните дини во чилеанската Атакама повторно се облеани со живописни бои, откако последниве недели во најсувата пустина на светот процвета цвеќе.
Таканаречената „цветна пустина“ секоја пролет на јужната хемисфера привлекува домашни и странски посетители.
Цвеќето никнува во зависност од количината на врнежи во зимската сезона.

„Ова е природна лабораторија, бидејќи ни овозможува да видиме како промените во количината на врнежи влијаат врз разновидноста на растенијата“, изјави биологот Андреа Лоаиса за време на обиколка на областа.
Отпорното семе и кромитчињата можат да преживеат екстремно суви услови во Атакама, сè додека не процветаат во пролет.

Џина Арансио, ботаничарка од локалниот Универзитет де Ла Серена, изјави дека семето и кромитчињата можат да преживеат и повеќе години дури и кога нема дожд.
Иако областа е официјално заштитена и посетителите смеат да се движат само низ одредени делови, честа појава се оштетувања предизвикани од возила.

Дополнително, присутна е и опасноста од нелегална трговија со растенија.





