Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Апостолската палата имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV.
На средбата традиционално беа разменети подароци, при што претседателката на папата Лав XIV му подари длабока резба од дабово дрво со мотив „Желад“.
„Честитајќи му го изборот за понтиф на Католичката црква, претседателката нагласи дека во ова време на голема неизвесност и поларизација во светот се неопходни неговите охрабрувачки зборови за траен мир, како и неговите заложби за градење мостови на дијалог, разбирање и заемно почитување меѓу луѓето и народите“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Сиљановска-Давкова ја изразила македонската подготвеност за јакнење и продлабочување на пријателството и соработката со Ватикан. Посочила дека редовното чествување на светите браќа Кирил и Методиј претставува симбол на духовната и културната поврзаност со Светиот Престол.
Претседателката констатира дека двете држави имаат и нераскинливи историски врски преку цивилизацискиот завет на светицата и скопјанка Мајка Тереза.
„Навраќајќи се на историската посета на папата Франциско на државата, претседателката истакна дека со должна посветеност сè уште се негува неговото духовно и дипломатско наследство бидејќи таа беше израз на блискост, почитување на различностите и охрабрување на дијалогот меѓу културите и религиите“, соопштија од Кабинетот.