Беса не ја оправда фаворитската улога и го загуби баражот за опстанок во Првата лига, а поразот од 2:0 од Башкими донесе и радикална одлука од раководството на клубот.
Челниците на клубот од Добри Дол донесоа официјална одлука според која се откажува второлигашкото учество за следната сезона, што автоматски направи Осогово да опстане во Втората лига.
- Сопствениците на Беса 1976 објавија оставка од водење на првиот тим. Единствен фокус останува само академијата на клубот. По долгорочната посветеност и жртва за овој клуб, одлучивме тимот да не се натпреварува во ВМФЛ, а фокусот оди само на младинската академија.
Благодарност до играчите, тренерите и сите во клубот. Во овие моменти на разделба чувствуваме задолжение да се заблагодариме од дното на срцата на секој навивач, фудбалер, и фудбалски работник кој беше дел од Беса во изминатиот период, – гласи соопштението на клубот.
Со откажувањето на Беса, но и претходните одлуки на Гостивар и Воска Спорт, во Втората лига на Македонија се отворија три места, што значи дека сите тимови кои загубија во саботниот бараж остануваат дел од Втората лига. Тоа се екипите на Осогово, Преспа и Големо Коњари.