Скопското обвинителство вложи жалба на решението со кое Основниот кривичен суд Скопје определи мерка куќен притвор на поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и на организациски директор Нехат Нухи, во предметот „Онкологија”.
Јавниот обвинител е незадоволен од одлуката и бара од Апелацискиот суд да ја преиначи во ефективен притвор, бидејќи цени дека со поблага мерка не може да се гарантира непречено водење на кривичната постапка .
„Имајќи предвид дека со двете поднесени обвиненија на обвинетите им се ставаат на товар повеќе тешки кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, како и другите околности кои укажуваат на опасност од бегство, мерката куќен притвор не претставува доволно ефикасна заштита“, велат од Обвинителството.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски и обвинителката Ана Гоговска Јакимовска претходно на прес-конференција информираа дека се поднесени две обвиненија за предметот „Онкологија“ со кои се опфатени двајцата поранешни директори на Клиниката и четворица доктори онколози. Според обвинението, 29 пациенти примиле несоодветна, а 16 непотребна терапија.