Оваа земја до 2030 година ќе има повеќе тенкови од Германија, Италија, Велика Британија и Франција заедно

Точка

02/08/2025

18:15

2.488

Големина на фонт

а а а

Германија, Италија, Велика Британија и Франција заедно имаат вкупно 950 тенкови. Само две членки на „NATO“, Грција и Турција, ќе имаат повеќе тенкови од Полска кога ќе се реализира нејзиниот најнов договор со Јужна Кореја.

Полска до 2030 година ќе има повеќе тенкови од Велика Британија, Германија, Франција и Италија заедно, откако потпиша договор за купување на дополнителни 180 јужнокорејски тенкови „K2“, пишува „Euronews“.

Договорот, вреден повеќе од шест милијарди евра, претставува најнова фаза во проширувањето на полските воени капацитети, мотивирана главно од војната во соседна Украина и кризата на белоруската граница, која трае од 2021 година.

Полска моментално издвојува 4,7 отсто од својот БДП за одбрана, што е највисок процент меѓу земјите на „НАТО“ во релативни рамки.

„Ова е одличен договор за безбедноста на нашата татковина, за нашата наменска индустрија. Со овој договор започнуваме процес на обнова на производството на тенкови во нашата земја“, напиша вицепремиерот и министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш во објава на мрежата „X“.

Полска ќе има вкупно 1.100 тенкови кога ќе се финализира договорот, кој вклучува и 61 тенк произведен во самата Полска.

Германија, Италија, Велика Британија и Франција заедно имаат 950 тенкови. Само две членки на „NATO“, Грција и Турција, ќе имаат повеќе тенкови од Полска по реализацијата на договорот. Турција моментално има 2.238 тенкови, а Грција 1.344.


Купувањето тенкови од Јужна Кореја започна во 2022 година, а тогашниот министер за одбрана Маријуш Блашчак го опиша договорот како „добитна комбинација“ за двете земји.

Полска претходно купувала и ракетни лансери „K239 Chunmoo“, лесни борбени авиони „FA-50“ и самоодни хаубици „K9“ од Јужна Кореја.

Исто така, купувала тенкови „Abrams“, хеликоптери „Apache“, лансери „HIMARS“ и противракетни системи „Patriot“ од САД. Претходно оваа година, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет ја нарече Полска „примерен сојузник на ’НАТО‘“ за време на својата прва официјална посета.


Покрај 180-те тенкови, новиот договор вклучува 81 помошно возило, логистичка обука, комплетен сервисен и ремонтски програм, како и клаузула за трансфер на технологија.

Потпишувањето на договорот се совпадна со 81-годишнината од Варшавското востание, на што министерот за одбрана се осврна за време на церемонијата на потпишување. Тој им се заблагодари на учесниците во востанието и на оние кои го загубиле животот борејќи се во него.

„Во нивна чест, во чест на нивниот хероизам, го потпишуваме и овој договор денес“, рече Косињак-Камиш.

„Ви благодарам за овој договор, многу сум горд на него и среќен што заедно градиме силна, безбедна и просперитетна Полска“, заклучи тој.