Газа: 169 луѓе починаа од глад, над 320.000 деца се соочуваат со акутна неухранетост

Макфакс

02/08/2025

20:09

447

Големина на фонт

а а а

Министерството за здравство во Газа денес објави дека уште седум Палестинци, меѓу кои и едно дете, починале од глад и неухранетост.

Новите смртни случаи, регистрирани во последните 24 часа, го зголемија вкупниот број на смртни случаи поврзани со глад од октомври 2023 година на 169, вклучувајќи 93 деца, се вели во соопштението.

Министерството предупреди дека хуманитарната криза во Газа се влошува и повторно апелираше до меѓународната заедница и хуманитарните организации веднаш да интервенираат за да се стави крај на страдањето и да се достави итна помош, пренесува Анадолија.

    

Заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Тед Чајбан, денесka изјави дека Газа се соочува со сериозен ризик од глад и дека она што може да се види на терен е „шокантно“.


„Повеќе од 320.000 мали деца се изложени на ризик од акутна неухранетост. Во стабилизацискиот центар во градот Газа , сретнав акутно неухранети бебиња чии тела беа само кожа и коски. Нивните мајки седеа во близина, очајни и исцрпени. Една мајка ми кажа дека нејзиното тело повеќе не произведува млеко затоа што самата е премногу гладна. УНИЦЕФ прави сè што може за да ја реши ситуацијата – поддржува доење, обезбедува формула за бебиња и лекува деца со тешка акутна неухранетост. Но, потребите се огромни по 22 месеци војна и два месеци блокада, која сега е олеснета, но сè уште има влијание, а помошта сè уште не пристигнува доволно брзо или во потребниот обем“ рече Чајбан.


Тој нагласи и дека повеќе од 18.000 деца се убиени во Газа од почетокот на војната, што е во просек по 28 деца дневно.