СДСМ повторно го поднесе Законот за поддршка на настраданите во Кочани

Макфакс

22/05/2025

13:20

117

Големина на фонт

а а а

СДСМ повторно го поднесе предлог Законот за поддршка и рехабилитација на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани, и повика на поддршка од сите пратеници.

Координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, рече дека законскиот предлог, овојпат, е поднесен по редовна постапка, а целта е да се испрати јасна порака дека ова не е политички закон туку човечки.

„Овој закон не смее да биде предмет на дневно-политички калкулации и тој треба да биде предмет на општествена советст, морална обврска и праведна грижа кон оние кои најмногу страдаат. Во оваа трагедија изгубивме 62 млади животи, над 200 наши сограѓани се повредени и некои од нив имаат и трајни последици, тие неможат да чекаат ниту да бидат заборавени“, рече Спасовски.

Законот предвидува конкретна поддршка финансиска здравствена поврзана социјална за настраданите лица и членовите на нивните семејства. Конкретно, се предвидува за семејствата на починатите надомест од 80.000 евра додека пак за сите оние коишто се со повреди, зависно од степенот на инвалидитетот, да се одреди и сумата којашто треба да ја добијат.

Претходно законот беше поднесен по скратена постапка и не доби поддршка од мнозинството во парламентот. Спасовски рече дека ги слушнале забелешките на парламентарното мнозинство дека треба да има поголема прецизност и подобра проценка на фискалните импликации, па во ова законско решение ги опфатиле сите забелешки кои што биле досега дадени.