Во петок (23 мај), во Македонскиот народен театар во Скопје, со Свечена академија ќе биде одбележан значајниот јубилеј - 120 години од Националниот Ден на Власите, под слоганот „120 години – Столб на балканската историја, сегашност и иднина“. Настанот е во организација на Министерството за односи меѓу заедниците во соработка со влашките здруженија, културни институции и јавни организации. Оваа манифестација претставува можност да се прослави истрајноста, идентитетот и културното богатство на влашкиот народ, кој преку генерации оставал длабок печат во општествениот развој на Македонија.
Свечената академија ќе се одржи со почеток во 18:00 часот, во објектот на МНТ со капацитет за над 600 гости, каде се очекува присуство на високи државни претставници, претставници на дипломатскиот кор, културни институции, членови на влашката заедница, како и граѓани од целата земја. Настанот ќе биде достапен и преку директен телевизиски пренос и онлајн стриминг, со цел да се вклучи и влашката дијаспора и пошироката јавност.
Програмата ќе вклучува говори од претставници на Владата и влашките здруженија, изведби на химната на Македонија и Ода на радоста, настап на хор со влашка песна, проекција на триминутно видео посветено на историјата и иднината на влашкиот идентитет, како и музички настапи од естрадни уметници.
На настанот ќе биде потенциран двојазичниот карактер и културната специфичност на заедницата, просторот во МНТ ќе биде брендиран со влашкото, македонското и знамето на Европската Унија, како симболика за припадност, интеграција и заедничка иднина.
Со овој настан, организаторите имаат за цел да ја потсетат јавноста на суштинскиот придонес на влашката заедница во историјата и културниот развој на државата. Преку генерации, Власите се вградени во темелите на македонската држава и општество, со значајни фигури како Питу Гули, Браќата Манаки, Рајко Жинзифов, Михајло Пупин, како и современи културни амбасадори како Калиопи и Тоше Проески. Истовремено, оваа манифестација има за цел да го потенцира зачувувањето на влашкиот јазик, обичаи и културно наследство во модерниот контекст, преку приказни за успеси, отпорност и постојано присуство на Власите во различни сфери од општеството.
Во време кога прашањата на идентитет, културна припадност и мултиетнички соживот се сѐ поактуелни, одбележувањето на Националниот Ден на Власите има поширока општествена и симболичка вредност. Тоа е порака дека разноликоста не е пречка, туку богатство на едно општество. Овој јубилеј е повик за поголема институционална поддршка, заштита на малцинските права и охрабрување на сите граѓани да се гордеат со своето културно потекло.
Организаторите упатуваат покана до медиумите, културната јавност и сите заинтересирани да присуствуваат и да дадат поддршка на ова значајно одбележување, кое претставува клучен симбол за нераскинливата врска меѓу историјата, сегашноста и иднината на влашката заедница во Македонија.