Во изминатиот период, поради мојата апликација за кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права, мета сум на неосновани напади и клеветнички изјави, објави обвинителката Ленче Ристоска.
„Денес упатив барање за јавно извинување до Драган Павловиќ Латас, за клевети искажани во емисијата “Само вистина” емитувана на Канал 5 на 16.05.2025 година, во која лажно тврди дека неовластено сум земала износ од 100.000 евра според Агенција за борба против корупција и дека немам ни стаж. Имајќи предвид дека ДКСК за мене никогаш немала поведено било каква постапка поврзана со примањата кои ги имам остварувано како обвинител во СЈО, како и дека сум дел од правосудниот систем од 2009 година, барав јавно извинување за ваквите клевети“, напиша Ристоска на „Фејсбук“.
Како шпо наведува, причината поради која смета дека е неопходно да реагира е што постапката за избор на кандидатите е во сензитивна фаза. „И Владата на Република Северна Македонија сè уште се нема произнесено по предлогот на комисијата, па ваквиот интенциозен јавен напад, освен штета по мојот интегритет, може да нанесе директна штета во однос на мојата позиција во понатамошниот тек од постапката“, пишува Ристоска.
Конечно, додава таа, немам апсолутно никаков проблем со тоа некој да смета дека има други кандидати кои ја заслужуваат позицијата судија во Европскиот суд за човекови права повеќе од мене, но во духот на праксата на Европскиот суд за човекови права неопходно е изјавите и коментарите кои се даваат во јавноста да бидат базирани на точни и проверени информации, со цел поттикнување на објективна и издржана јавна дебата.