Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, во Порта „Македонија“ се обрати на состанокот на генералната асамблеја на Европската рута на светите Кирил и Методиј.
Во своето обраќање министерот истакна дека Македонија не само географски туку и духовно и културолошки е длабоко вградена во мисијата на светите браќа и нивните ученици.
„Реализацијата на генералната асамблеја токму овде е симболично и значајно бидејќи Македонија не само географски туку и духовно и културолошки е вградена во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, како и на нивните ученици. Делото на солунските браќа, што го постави темелот на словенската писменост и духовност, длабоко е врежано во нашето културно наследство и во колективната меморија на македонскиот народ. Овде, на овие простори, нивната мисија не само што беше прифатена – таа продолжи да живее, да се шири, да се пренесува со љубов од генерација на генерација. И, денес, како дел од оваа културна рута, ние не го чуваме само нивното наследство, туку и го живееме“, рече Љутков.
Тој посочи дека Министерство за култура и туризам со голема почит и ентузијазам ќе продолжи да партиципира и да ги поддржува рутите на Советот на Европа.
„Нашата земја е посветена на зачувувањето и на афирмирањето на ова културно богатство и од тие причини Министерството за култура и туризам ја поддржува и партиципацијата на Македонија во: Винската културна рута, Рутата на римските императори и Дунавската римска рута. За афирмација на рутите кај пошироката културна јавност, минатиот месец го реализиравме и форумот ‘Културните рути на Советот на Европа во функција на културниот туризам’, на кој учествуваа гости од земјата и од странство, од академскиот, туристичкиот, економскиот и од поширокиот културен сектор“, рече министерот.
Љутков истакна дека особено е значајно учеството на Институтот за македонска литература при УКИМ и на Институтот за старословенска култура од Прилеп во рамките на Европската културна рута на светите Кирил и Методиј, што ќе придонесе за значајна културна, научна и туристичка промоција на кирилометодиевското наследство нераскинливо поврзано со духовната почва на Македонија.