[ВИДЕО] Австралиец преживеал пет години в затвор во Кина и вели: „Стануваш луд“

Точка

19/05/2025

19:02

1.317

Големина на фонт

а а а

Австралискиот државјанин Метју Радаљ поминал пет години во затвор во Пекинг, каде што, според неговите зборови, бил подложен на секојдневно ментално и физичко малтретирање, принудна работа, лишување од храна и нехумани услови. Денеска, тој живее надвор од Кина и одлучи јавно да проговори за своето искуство.

Во неодамнешно интервју за Би-би-си, тој опиша како спиел во ќелија со дванаесет други затвореници, каде што светлата не биле исклучени дури ниту ноќе, хигиенските услови биле катастрофални, а затворениците биле изложени на постојано понижување и манипулација. Радаљ беше уапсен на 2 јануари 2020 година, по конфликт со продавачи на пазар за електроника во Пекинг.

Принуден да потпише признание по два дена тепање

Тој тврди дека бил лажно обвинет за грабеж и принуден да потпише признание по два дена тепање, без сон, храна или вода. Се надевал дека на тој начин ќе добие полесна казна, во што и успеал. На крајот бил осуден на четири години затвор, но сепак на крајот отслужил пет.

Пред да биде префрлен во „обичен“ затвор, тој поминал месеци во притворски центар, поминувајќи низ брутална фаза на адаптација: без можност за туширање, со тоалети во ужасна состојба и строго ограничено време за нивно користење.

Според него, затворот бил составен претежно од Африканци и Пакистанци, но имало и затвореници од САД, Велика Британија, Латинска Америка, Авганистан, Северна Кореја и Тајван, главно поради поврзаност со дрога.

Психолошка тортура

Затворениците живееле според систем на „поени за добро однесување“, кој требало да овозможи скратување на казните. Но, во реалноста, системот служел како средство за психолошка тортура. Чуварите честопати им одземале поени за ситници како што се погрешно закачување чорапи или стоење премногу блиску до прозорец. Бодовите никогаш не се користеле за намалување на казните, а системот создавал неподнослива неизвесност.

Казните биле секојдневни. Храната се користела како средство за контрола. Оброците главно се состоеле од зелка во валкана вода, а понекогаш и малку месо. Вежбањето било ограничено на половина час неделно.


Одгледувале зеленчукот што не им беше дозволено да го јадат

Затворениците можеле да ја дополнат својата исхрана ако нивното семејство уплаќало пари на затворската сметка, но дури и таа бенефиција можела да им биде ускратена. На Радаљ тоа му било оневозможено цели 14 месеци бидејќи одбил да работи во затворската фабрика.

Затворениците одгледувале зеленчук на затворската фарма, но не им било дозволено да го јадат. На крајот од сезоната, плодовите биле закопувани,а фармата се користела за фалење пред гостите, тврди Радаљ. Доколу некој бил фатен со зеленчук, завршувал во самица.


194 дена во самица на помалку од два квадратни метри

Исто така, се случувале конфликти меѓу затворениците, особено меѓу африканските и тајванските групи, околу пристапот до кујната. По голема тепачка во која самиот учествувал, Радаљ завршил во самица 194 дена. Тогаш светлата за прв пат биле изгаснати, но новата изолација донела поинаков вид психолошки притисок.

Храната му била преполовена, не можел да чита ниту да разговара со никого, а собата била помала од два квадратни метри. „Почнуваш да полудуваш, сакал или не. Самицата е создадена за тоа“, рече тој.

Лажно претставување за посети од страна на службени лица и медиуми

Друг аспект од затворскиот живот, како што рече, било лажното претставување за службениците што доаѓале во посета и медиумите. Тој опишува како на затворениците наводно им бил даден пристап до компјутери и е-пошта, но сето тоа било претстава за камерите – компјутерите не биле поврзани на интернет и набрзо биле отстранети.


Во текот на годините што ги поминал во затвор, Радаљ тајно водел дневник. Со помош на севернокорејските затвореници, тој пишувал минијатурни белешки на внатрешноста на заштитните маски. Пред да биде ослободен од затвор на 5 октомври 2024 година, тој ги скрил во поставата на јакната што ја носел кога бил уапсен. Стражарите ги пребарале неговите работи, но не го откриле дневникот, а го отворил дури кога авионот полетал.

„Чувствувам голема одговорност кон оние што ги оставив зад себе“

Неговиот татко го пречекал на аеродромот во Перт, а тој потоа се оженил со неговата долгогодишна девојка. Денес, тие заедно произведуваат свеќи и други ракотворби. Иако сè уште се бори со последиците од неговото затворање, Радаљ е решен да им помогне на своите поранешни сострадалници. Со месеци, тој контактирал со нивните семејства и лобирал кај амбасадите за да им обезбедат подобра поддршка.


„Слободата носи длабока благодарност за наједноставните работи во животот. Но, исто така чувствувам голема одговорност кон оние што ги оставив зад себе“, истакна Метју.