Денеска во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв – Скопје“, ќе се одржи тринаесеттото издание на традиционалниот спортско-рекреативен настан „Прв до врв“, кој секоја година обединува љубители на велосипедизмот, планинарењето и природата.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, стартот на велосипедската трка ќе биде во 09:45 часот пред Музејот на град Скопје, а маршрутата ќе се движи по ул. Св. Кирил и Методиј, бул. Св. Климент Охридски, бул. Мајка Тереза, ул. Тодор Александров и по локалниот пат кон Средно Водно до Милениумскиот крст.
Планинарите ќе стартуваат во 10:00 часот од пред ОУ „Кочо Рацин“, а ќе се движат по ул. Тодор Александров, преку ул. Салвадор Аљенде, по планинската патека кон Средно Водно и завршна точка на врвот на Водно.
Поради одржување на настанот, СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај, при што дел од улиците ќе бидат затворени или со пренасочен сообраќај, а патролни полициски екипи ќе бидат распоредени долж трасата.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите и упатствата од полициските службеници, со цел настанот да помине безбедно и во спортски дух.
13 издание на „Прв до врв“
Тринаесеттото издание на спортско-рекреативниот настан „Шпаркасе лајф – прв до врв“ ќе се реализира денеска на планината Водно во Скопје. Настанот ги обединува љубителите на планината, спортот и рекреацијата во пет натпреварувачки категории до врвот на Водно: планинско трчање – 4,5 километри, планински велосипедизам – 9 километри, друмски велосипедизам – 11,4 километри, електрични велосипеди – 9 километри и тим-билдинг трка за компании – 4,5 километри.
Според најавата од организаторите, трките во велосипедизам ќе започнат во 9:45 часот од Музејот на град Скопје со летечки старт пред ОУ „Кочо Рацин“, додека планинското трчање и тим-билдинг трката ќе стартуваат директно пред училиштето во 10 часот. Патеките вклучуваат контролни точки кај полицијата, Средно Водно и пред целната линија на врвот.
– Секој кој ќе ја заврши трката добива финишер медал. Предвидени се и медали во сите старосни групи и во машка и женска конкуренција, под услов да има најмалку три учесници по категорија. Настанот привлекува сè повеќе учесници од странство – годинава веќе се пријавени учесници од Португалија, Италија, Бугарија и САД, што му дава дополнителна енергија и интернационален дух на предизвикот. Минатата година, беа урнати два рекорда – во друмски велосипедизам за жени (42:36) и во планинско трчање за мажи (31:50), што се нови најдобри времиња во искачувањето до врвот на Водно. За сите што ќе урнат рекорд и оваа година, „Шпаркасе банка“ повторно обезбедува награден фонд од 1.000 евра. Дополнително, како главен поддржувач, тие ќе постават „лаунџ корнер“ со изненадувања, награди за посетителите и активности што го збогатуваат искуството за сите учесници, се наведува во соопштението.
На целта, на врвот на Водно, предвиден е пикник, а присутните ќе ги забавуваат диџеј „Вито“ и бендот „Рингтоунс“. Предвидено е по забавната програма, да се одржи церемонија за прогласување на победниците.