[ФОТО] Украдена бронзената статуа на Меланија Трамп во Словенија: Дали воопшто знаете како изгледа?

Точка

16/05/2025

17:03

584

Големина на фонт

а а а

Првата скулптура на Меланија Трамп во нејзината родна Словенија беше уништена во пожар, а сега и нејзината бронзена замена исчезнала.

Полицијата го истражува исчезнувањето на скулптурата, пренесе „Гардијан“.

Бронзената скулптура во природна големина беше поставена во 2020 година во близина на нејзиниот роден град Севница, на трупец среде поле, откако претходната дрвена верзија изгорела во пожар.


Според полицијата и креаторот на скулптурата, американскиот концептуален уметник Бред Дауни, бронзената фигура била отсечена кај глуждовите и украдена. „Пријавата за кражба била примена на 13 мај, а полицијата веднаш излегла на местото на настанот и започнала истрага“, изјави портпаролката на полицијата Аленка Дреник Рангуш.


Поврзано со Доналд?

Дауни рече дека дознал за исчезнувањето додека подготвувал нов проект во Германија и додаде дека „малку му е жал што таа исчезнала“. „Имам чувство дека тоа има некаква врска со реизборот на Доналд Трамп, но којзнае, нели?“ изјави тој за АФП.


Дауни исто така рече дека бронзената статуа била замислена како анти-споменик и анти-пропаганда и дека заменила дрвена скулптура што била запалена, што, според него, во тоа време не било во ред.


Оригиналната дрвена скулптура ја прикажуваше Меланија во син фустан и високи потпетици, а ја изработи локалниот уметник Алеш Жупевц со моторна пила. Бронзената верзија беше поставена на крајот од првиот мандат на Трамп, додека тој водеше кампања за реизбор. Беше зајакната со бетон и метални прачки на приватно земјиште.


Инаку враќањето на Меланија во Белата куќа разбуди надежи во нејзиниот роден град дека конечно Трамп би можел да ја посети Словенија, што досега не се случило, а разни производи во Севница како колачи, чоколади, мед и влечки ѝ беа посветени на сегашната прва дама на САД.