Нема докази дека 5Г технологијата е штетна за здравјето, што е потврдено од новата научна студија која детално го анализирала влијанието на електромагнетните бранови што ги користат 5Г мрежите, со цел „конечно да се стави крај на оваа дебата“, велат авторите.
За време на пандемијата на коронавирусот, 5Г беше цел на теории на заговор кои, без никакви докази, ја поврзаа со Ковид-19. Но, истражувачите од Универзитетот „Constructor“ во рамки на истражувањето изложиле два вида клетки на човечка кожа – фибробласти и кератиноцити – на електромагнетни бранови над препорачаните безбедносни граници, во текот на 48 часа.
Резултатите покажале дека дозволените нивоа на изложеност на 5Г бранови не ја оштетуваат човечката кожа ниту предизвикуваат промени на генетско ниво или епигенетски обрасци. Студијата е објавена во списанието „PNAS Nexus“.
„Овие резултати придонесуваат за разјаснување на неизвесностите во базата на докази“, велат авторите.
Што тестирале и зошто?
Мобилните телефони и слични уреди пренесуваат податоци безжично, преку електромагнетни бранови во специфични фреквенциски опсези.
Поради зголемениот сообраќај, овие опсези стануваат преоптоварени, па затоа беше воведена 5Г технологијата, која користи поширок спектар, вклучувајќи фреквенции помеѓу 24,3 и 43,3 гигахерци.
Додека брановите до 3 гигахерци продираат во кожата до длабочина од 10 милиметри, оние над 10 гигахерци, што вклучува 5Г, продираат само 1 милиметар во површината на кожата.
И покрај ова, многумина се загрижени за можните „невидени последици“ од 5Г технологијата, особено бидејќи почнуваат да се користат повисоки фреквенции.
Проблемот, велат истражувачите, е што претходните студии што иницираа загриженост имале сериозни методолошки недостатоци, како што се недостаток на контрола на температурата, недостаток на „слепо тестирање“ и нетранспарентна статистика.
Што покажа оваа студија?
Новата студија користела слепо тестирање и контрола на температурата, што значи дека биле елиминирани сите можни извори на грешка.
Клетките на кожата биле изложени на 5Г фреквенции од 27 и 40,5 гигахерци, на различни нивоа на интензитет, вклучувајќи нивоа далеку над препорачаните граници.
Резултатите се јасни: немало значајни промени во генетската експресија ниту во епигенетските обрасци (метилација на ДНК).
Со други зборови, дури и под најнеповолни услови на изложеност, клетките на кожата не покажуваат знаци на оштетување.
Што е со загревањето на ткивата?
Авторите забележуваат дека многу силните радиофреквентни бранови, како оние што се користат во безжичните мрежи, можат да ги загреат ткивата. Но, овој ефект се јавува само кога нивоата на изложеност се далеку над безбедносните стандарди.
Во оваа студија, контролата на температурата го отстранила и овој ефект, дополнително доведувајќи го во прашање постоењето на каков било биолошки ефект кој не е поврзан со топлината.
Оваа студија се приклучува на растечкиот број научни докази што потврдуваат дека 5Г технологијата не претставува ризик по здравјето на луѓето. Ако има нешто за кое треба да бидеме загрижени, тоа не е сигналот, туку сè поголемото време поминато пред екраните.