Челси има три важни натпревари до крајот на оваа сезона, три натпревари кои можат да имаат големо значање за наредната година со оглед на тоа што во прашање е голем влог-Лигата на шампионите.
„Сините“ на две кола до крајот се во Топ 5 во ПЛ, пласман кој ќе сакаат да го сочуваат и дојдат до елитното натпреварување, а плус во Конференциската лига на УЕФА го имаат финалето со Бетис во кое ќе ја имаат улогата на фаворити.
Стратегот Енцо Мареска е внимателен и бара максимален фокус затоа што оваа сезона на крајот може да биде добра без разлика на тврдењата на дел од јавноста дека екипата можеле да биде поконкурентна за пехарот во шампионатот.
- Во последните две години завршивме на 12. и 6. место. Не е пред 10 или 15 години. Веќе многу пати реков дека имавме добра сезона, која може да стане многу добра сезона ако успееме да завршиме меѓу првите пет, а исто така и успееме да ја освоиме Конференциската лига.
- Имавме моменти, на пример во првите пет или шест месеци, кога бевме втори и трети, па уште подобро. Сега сме таму и ќе се обидеме да завршиме добро, - порача Мареска.
Лондонскиот состав ги има Манчестер Јунајтед и Нотингем Форест како завршни ривали во ПЛ.