Ќе има автоматски мерки кои ќе важат до крајот на годината ако се утврди скок на цените, Мицкоски засега не знае за поскапувања.
Ако до крајот на месецов се утврди дека има скок на цените откога престана да важи последната мерка за замрзнати маржи, ќе има нови мерки кои ќе останат на сила многу подолго отколку досегашните. Премиерот Христијан Мицкоски засега нема информации за поскапени производи, но остава простор тоа да го утврди извештајот на Државниот пазарен инспекторат на крајот на овој месец.
„Ги следиме состојбите, јас немам таква информација. Разговарав со министерот пред два дена, имавме состанок и ми покажа бројки, немам информација дека тоа се случува. Но доколку тоа се случи на крајот од месецот автоматски ќе бидат применети мерки кои ќе траат до крајот на годината. Јасно кажавме дека такви трикови нема да толерираме. Слушаме трикови во кои преку прокси правни лица ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг услуги, ПР- услуги и така натаму, а со тоа практично ќе се плаќа таа маржа која што се плаќаше во минатото на одредени маркети. Слушаме, стигаат и до нас тие информации. Вознемирени сме од тоа што го слушаме и не е добро тоа што го слушаме затоа што на тој начин не можеме да градиме партнерски однос“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето камен-темелник за спортска сала во училиштето „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче.
Маржите на 102 групи производи беа замрзнати до 30 април, а последниве две недели има производи чии цени се зголемија и по 60 денари, како што се некои хигиенски производи. Министерот за економија Бесар Дурмиши минатата недела рече дека таквите поскапувања треба да ги потврди Државниот пазарен инспекторат за да можат да преземат мерки. И тој најави дека мерките ќе бидат поригорозни и за трговците и за производителите и за дистрибутерите.