Фудбалот и спортот знаат да бидат сурови за навивачите на клубовите кои не се снаоѓаат најдобро во своето опкружување, а тоа на своја кожа сега го почувствуваа и фановите на Сампдорија.
Поранешниот европски вицешампион и клуб во кој настапувале многу славни имиња, следната сезона ќе настапува во италијанската Ц лига, односно третиот ранг по квалитет на „чизмата“.
Тимот од Џенова вчера одигра само 0:0 на гостувањето кај Јуве Стабија и на тој начин не успеа да обезбеди опстанок во Серија Б и првпат по осум децении ќе игра во третата лига.
Сампдорија ја започна сезоната под водство на Андреа Пирло, екипата потоа ја презема Леонардо Семпличи, кој исто така доби отказ и на крајот на клупата беше Албериго Евани.
Поранешните прволигаши Салернитана и Фрозиноне ќе играат плејаут за да обезбедат опстанок, додека Бреша во последен момент си обезбеди сигурен опстанок.
Покрај Сампдорија, во третата лига одат и Читадела и Козенца, Сасуоло и Пиза се сигурни повратници во Серија А, додека уште шест екипи ќе играат плејоф за последното место кое води во Серија А.
Во својата историја, покрај настапот во финалето на Европскиот куп на шампиони во 1992 година, Сампдорија има и една италијанска титула и четири освоени трофеи во Купот.