Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави дека има намера да го прифати авионот Боинг 747-8, вреден 400 милиони долари, како подарок од катарското кралско семејство. Авионот би служел како претседателски авион, „Ер Форс Уан“.
„Боингот 747 ќе им биде даден на воздухопловните сили/Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави, НЕ МЕНЕ! Тоа е подарок од земја – Катар – која успешно ја браниме со години. Нашата влада ќе го користи како привремен „Ер Форс Уан“, сè додека не пристигнат нашите нови авиони „Боинг“, кои сериозно доцнат. Зошто нашата војска, а со тоа и нашите даночни обврзници, треба да плаќаат стотици милиони долари кога можат да го добијат БЕСПЛАТНО од земја која сака да нè награди за добро завршена работа? Огромните заштеди наместо тоа ќе бидат искористени за да ЈА НАПРАВИМЕ АМЕРИКА ПОВТОРНО ГОЛЕМА! Само БУДАЛА не би го прифатил овој подарок во име на нашата земја. Ви благодариме за вашето внимание!“ напиша Трамп.
Некои членови на Демократската партија го нарекоа можниот потег на Трамп „грубо нелегален“ – што Белата куќа го негира – а критики стигнаа и од некои од поддржувачите на Трамп.
Самиот Катар претходно изјави дека би било „неточно“ авионот да се нарече подарок и изјави дека преговорите сè уште се во тек.