Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес објави дека ќе нареди укинување на санкциите врз Сирија на барање на саудискиот престолонаследник, што е огромен поттик за привремениот сириски претседател Ахмед ал-Шари и неговите напори за стабилизирање на земјата разорена од војна.
Трамп го објави ова ненадејно за време на регионалната турнеја што ја започна во Саудиска Арабија. Белата куќа објави дека Трамп ќе биде пречекан од ал-Шари за време на неговата посета на Саудиска Арабија, што укажува дека средбата меѓу американскиот претседател и поранешниот командант на Ал Каеда, кој помина пет години во американски затвор во Ирак, ќе се одржи во среда.
САД воведоа строги санкции врз Сирија за време на владеењето на Башар ал-Асад и ги одржуваат на сила откако ал-Асад беше соборен од власт во декември по повеќе од 13 години војна.
Трамп рече дека ќе ги укине сите санкции врз Сирија, објаснувајќи дека тие имале важна функција, но дека сега е време Сирија да продолжи напред.
„Ќе наредам укинување на санкциите против Сирија за да им дадам шанса да успеат“, рече Трамп на инвестициски форум во Ријад.
„Нивно време е да блеснат“, рече Трамп. „Со среќа Сирија, покажи ни нешто многу посебно“, рече американскиот претседател.
Ал- Шари беше лидер на официјалното крило на Ал Каеда во сирискиот конфликт со години, пред да ги прекине врските со глобалната џихадистичка мрежа во 2016 година.
Хајат Тахрир ал-Шам, групата предводена од ал-Шари, која официјално беше распуштена во јануари, е прогласена за терористичка организација од САД и ОН.