Таткото на Фросина: Судот е чиста мафија, ги скри клучните сведоци кои биле во возилото со Васил, едниот снимал, па ја избришал снимката

Макфакс

13/05/2025

13:15

3.252

Големина на фонт

а а а

Дванаесет години казна е награда за ова најбрутално убиство во сообраќајот, изјави таткото на усмртената Фросина, Тодор Кулаков. Тој повика на нови протести пред судот и Судскиот совет, порачувајќи дека симболично, со црвени раце треба да биде залепен целиот суд.

„Ова е држава во која дилери на дрога и немилосрдни убиства се прогласуваат за светци – спортисти, посветени студени, според зборовите на одбраната. Пресудата е срамна и тажна за целото општетство“, рече Кулаков.

Тој укажа и дека никој во постапката не посветил внимание на, како што рече, мноштвото од сведоците кои биле прикриени, за уништување клучни докази, како оние на совозачот Лорен, кој додека се возеле снимал, а потоа таа снимка ја избришал, според тврдењето на Кулаков.


„Лорен е син на познат скопски кафанџија и затоа ја има цела заштита од системот. Судот е чиста мафија и такви пресуди носи. Лорен како клучен сведок кој никаде не фигурира требаше да добие кривична за уништување докази за убиство и сигурно од таа снимка ќе произлезеа докази за нови кривични дела, а казната ќе беше погголема и за него и за другите тројца во колата. Овој систем ги скри нив. Системот треба да одговара за соучешништво во прикривање на убиство“, рече таткото на Кулакова.

Многумина, вели родителот, на душа ќе ја носат неговата ќерка која е ангел.

„Арам да им се парите и се друго што добиле како компензација. Бог нека им суди, ние не се откажуваме“, рече Кулаков.


Тој претходно кога беше изречена пресудата од 12 години затвор за Васил Јованов, ја напушти судницата со зборовите „Судот-мафија“.

Јованов на 29 јануари, без возачка дозвола, управуваjќи возило со брзина од 91 километар на час под дејство на алкохол, на пешачки премин на Партизански одреди удри во Фросина Кулакова, која ја минувала улицата на зелено светло. Кулакова од силината на ударот почина на самото место.

Во историјата на овој суд не е изречена 12 години казана затвор за вакво дело, но го задржуваме правото да бараме поголема, рече обвинителот

Обвинителот Александар Марковски го задржа правото да бара поголема затворска казна од 12 години колку што денес му пропиша Основниот кривичен суд во Скопје на Васил Јованов, кој смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова. Обвинителот, по пресудата, рече дека судот изрекол досега највисока казна за вакво дело.

„Ова беше една мала победа за Обвинителството. Инаку, станува збор за трагичен настан и нема простор ниту за славење ниту за разочараност. Во поглед на тоа самопризнание мислам дека придонесе и ефикасната и брза истрага кон која, со свој кадар и напори, придонесе и МВР, кое беше на висина на задачата, како и истражителите од ОЈО Скопје. Денешниот ден за Обвинителството е поголема победа затоа што беше изречена казна затвор, која во историјата на овој суд, за вакво кривично дело и кога станува збор за една жртва, не била досега изречена, сметајќи на висината од 12 години казна затвор. Сепак, Обвинителството го задржува правото на жалба и да бара повисока казна затвор“, рече обвинителот Марковски.


Денес, Кривичниот суд му изрече 12 години затворска казна за 20-годишниот Васил Јованов, кој смртно ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во јануари годинава.

Во образложението судијката Снежана Марковска рече дека при одлучувањето судот ги зел предвид сите олеснувачки и отежнувачки околности. Јованов доби и забрана за управување возило од Б-категорија во времетраење од пет години, а ќе треба и да ги надомести сите трошоци на кривичната постапка.