Арсенал иако имаше свои шанси не успеа да дојде до посакуваниот резултат на реваншот со Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите, претрпе нов пораз овојпат со 2-1 и со вкупни 3-1 го заврши настапот во ова натпреварување.
„Топчиите“ силно посакуваа да направат исчекор и по подолга пауза одново да дојдат до финале во ЛШ, меѓутоа за тоа ќе мора да почекаат друга можност.
Букајо Сака беше стрелец на единствениот гол за Арсенал во овој двомеч, ама и токму тој имаше големо промашување на вчерашното соочување при резултат 2-1, односно ако погодеше во 80 минута се ќе беше отворено и ќе можеше да се случи до самиот крај.
- Тоа беше болно промашување, ќе го повреди Сака. Нема да спие две или три ноќи, но може да биде горд на својот настап. Мендеш не видовме многу од него во напаѓачка смисла бидејќи Сака беше на теренот, - искоментира легендата на клубот од Лондон, Мартин Кион.